Зошто свирежи?

Украинскиот селектор Олег Блохин по мечот со Франција имаше двојно разочарување. Првото беше од поразот против Триколорите, а второто од однесувањето на навивачите кои наместо да им дадат поддршка на своите миленици ги испратија со свирежи.

"Навистина не е фер од нашите навивачи. Лесно е да се поддржи тимот кога победува, но сега имав впечаток дека тие сакаат да не убијат. Нема проблем ако свирежите се упатени кон мене, фудбалерите не се виновни, тие дадоа се од себе да победат, но за жал не успеаа", изјави по мечот Блохин.

По победата над Шведска во земјата владееше еуфорично расположение и се веруваше дека овој состав може да постигне многу повеќе од очекуваното, но сепак избраниците на Блохин, налетаа на Франција.

"Французите се еден од најдобрите тимови на турнирот и според мене се големи фаворити за висок пласман. Тие одиграа голем меч, но мора да се каже дека ги искористија сите грешки на нашата одбрана", заврши Блохин.

И покрај поразот Украинците се уште имаат шанса за пласман во следната фаза. Во последниот меч против Англија, кој ќе се одигра во вторник потребна им е победа додека пак на Гордиот Албион за место во четврт-финалето доволен им е нерешен резултат.

 

16 јуни 2012 - 01:58