Фудбалерите на Милан беа немоќни на синоќешниот дуел против Наполи кој го загубија со 3:1, а брзината на социјалните медиуми некој вешто ја искористи за да рашири лажна вест од стадионот „Сан Паоло“.
Во 73 минута Сидорф одлучи да го повлече од игра Балотели и на негово место му даде шанса на Пацини, но Супермарио ги пушти солзите и како магнет ги привлече камерите и фотоапаратите на резервната клупа.
Плачот на Балотели почна веднаш да се толкува со образложение дека тој бил навреден од страна на домашните навивачи со расистички пораки, и тоа веднаш почна да се шири како оган. Фрчеа твитови, постови, слики, а се појави дури и видео клип со таков наслов.
По завршувањето на мечот Балотели не даде изјава за медиумите, а немаше никаква жалба од него или од клубот за наводно расистичко скандирање против него. Тренерот на Милан, Кларенс Сидорф изјави дека таквите емотивни реакции понекогаш се нормални за фудбалерите и тој не видел ништо чудно во тоа.
Балотели пропушти сериозна шанса за гол, а неговиот тим никако не успева да излезе од кризата ниту со смената на тренерот. Згора на се тој имаше тешка недела во која конечно призна дека е татко на малата Пиа од неговата поранешна девојка. Некои претпоставуваат дека тој бил разочаран што не успеал да постигне гол кој планирал да го посвети токму на неа.
За лажниот скандал се огласија и од канцеларијата на Наполи од каде стигна соопштение дека за време на мечот не бил забележано никакво расистичко скандирање, а тоа го негираше и соработникот на Газета дело Спорт и Си-Ен-Ен, Танкреди Палмери кој пиша дека само го свиркале.