Зошто италијанско сезонава не е за испуштање

Од каде да почнеме? Јуве повеќе не се бори сам за титула, туку гризат не една, две екипи. Интер пазари без престан звучни имиња. Милан го врати Ибра. Роналдо е машина за голови и магнет за публика. Плус Пандев уште е во форма, а Елмас е се подобар. Штета за Иле.

НЕИЗВЕСНОСТ ЗА СКУДЕТОТО ЗА КОЕ СЕ БОРАТ ТРИ ЕКИПИ

Јасно е дека Јуве е јак и полн со играчишта, моќен и доминантен и дека од година во година само го зголемува бројот на титули, но сезонава не е сам на врвот, а ниту го следи Наполи како што беше изминативе сезони.

Овој пат најсериозен ривал му е Интер. Оваа екипа опасно се засили и на лето и на зима, а дополнителна тежина и сериозност им дава Антонио Конте, човекот кој всушност ја почна низата титули со Јуве. Трансфери како Диего Годин, Алексис Санчез, Ромелу Лукаку, Николо Барела, Стефано Сенси, надополнето минатиот месец со Ешли Јанг, Кристијан Ериксен и Виктор Мозес не се воопшто наивна работа.

А да е само Интер. Со години не сме ја виделе Серија А со три екипи со шанси за Скудето. Само еден бод зад Јуве и Интер кои имаат по 54 бода заостанува третопласираниот Лацио. Тоа што го прави нивниот поранешен напаѓач Симоне Инѕаги како тренер, редовно е предмет на анализа во италијанскиот печат.

Со триумфот во неделата над Парма на гости, Инѕаги постави нов клупски рекорд од 18 натпревари без пораз. Рекордот го држеше тој што му беше тренер пред две децении, прочуениот Свен Горан Ериксон. Лацио игра офанзивен фудбал со кој сезонава два пати го сруши актуелниот шампион на Италија и во првенство и во Супер Куп.

Оваа екипа има лидер во секој сегмент од играта. Франческо Ачерби царува во одбрана, Луис Алберто везе во средина каде му помагаат одличните Леива и Милинковиќ, а Чиро Имобиле полуде. Шпицот на Италија е стрелец број 1, не само во Лацио и Серија А, туку во Европа со 25 првенствени гола.

За Јуве нема што да зборуваме. Со триото Роналдо – Дибала – Игуаин и наскоро со кам бекот на Кјелини се разбира дека сè уште се најголеми фаворити за титулата. Кристијано стана прв играч на Јуве со 10 гола во низа, што е клупски рекорд, плус лигата доби на публицитет со неговата појава.

Во ниту едно друго првенство од топ петте во Европа нема ваква неизвесност за титулата. Во Англија и Франција на пример со Ливерпул и ПСЖ работите се веќе јасни.

ИЗНЕНАДУВАЊА КОЛКУ САКАШ

И тука не знаеме од каде да почнеме. Само ова коло прво Михајловиќ од Рим си замина дома со 3 бода откако неговата Болоња ја совлада Рома со 2:3. Истиот резултат се случи и на Сан Паоло, Наполи – Лече 2:3. Наполитанците во сред криза го победија Јуве, па по две кола загубија од Лече. Што ти е фудбал. Истиот тој Лече минатиот месец му одигра 1:1 на Интер.

Капак на големите изненадувања беше сензацијата на Верона која го совлада Јуве и тоа со пресврт за 10 минути. Ем го направи првенството поинтересно, ем се искачи на шесто место во зоната на Европа. Што е муабетот со нив?

Јуриќ доби отказ во Џенова, ја презеде Верона и веќе 8 кола е без пораз. Има 4 победи и 4 нерешени. Пред триумфот со Јуве освои по еден бод со Милан и Лацио. Но таа изненадувачна шеста позиција им е толку кревка, што со два порази може да им ја земе било кој до 12-та позиција надолу. Е до толку е тесно.

ЅВЕЗДИ КОИ ВЛЕЧАТ ПУБЛИКА

Умре тој муабет кога се викаше дека италијанско е паднато, а овие причини кои ги наброивме до сега се добар дел од фактите. Но има и други. Серија А доби на квалитет не само поради тоа што две екипи го нападнаа Јуве, туку затоа што пристигнаа и звучни имиња кои ја засилија лигата и ја зголемија конкуренцијата

Тоа се разбира го зголемува интересот и на тв, но и на стадионите каде се забележува повеќе публика. На миланското дерби на пример немаше игла кај да се фрли, а за интензитетот на мечот и резултат да не се повторуваме.

На страна тоа што излегоа нови генерации од типот на Кулушевски кој од лето ќе игра за Јуве, во Италија пристигнаа ѕвезди од големи екипи како Атлетико, Реал, Манчестер Јунајтед, Тотенхем. 

Само оваа сезона тоа се Ибра, Ериксен, Јанг, Годин, Алексис Санчез, Лукаку. Потоа се врати Џиџи Буфон, а за спектаклот и импактот да бидат поголеми се погрижи Кристијано Роналдо пред две години.

МАКЕДОНЦИ

Кај може италијанско да мине без наш човек. Тоа е така со години, а причина број 1 се знае кој. Неуморниот Горан Пандев. Дебитираше во елитниот италијански фудбал на 2 ноември 2003-та како играч во дресот на Анкона против Сиена и еве го, 2020-та уште игра.

Додека Илија Несторовски сезонава се бори со конкуренција во Удинезе и чека на својот гол првенец, а Елмас игра се подобро и добива солидна минутажа од Гатузо, од македонските репрезентативци се уште најголем впечаток остава Пандев.

Викендов го постигна шестиот првенствен гол со кој на Џенова и донесе победа против Каљари.

Ќе биде јако до крај и за титула и за излез во Европа, па и за опстанок каде се бори Гоче наш.