Зошто и од што мака Чави си оди од Барселона?

По шокот со Јирген Клоп кој отворено и чесно призна дека веќе немал енергија да го води Ливерпул и дека на крајот од сезоната заминува, идентичен шок на навивачите им приреди и Чави, тренерот на Барселона.

Во саботата по лудиот и неверојатен меч Барселона - Виљареал на кој домашните примија дури 5 гола од кои 2 во продолжение и изгубија 3:5, тренерот Чави соопштил дека по крајот од сезоната си оди од клубот.

Наводно Чави решил да ја напушти Барселона после поразот од Реал Мадрид во Суперкупот игран во Саудиска Арабија, пишува новинарот Тони Хуанмарти.

На 17-ти јануари Чави се сретнал со неколку луѓе од управата после што решил да си оди на крајот на сезонава во јуни. Но зошто ако пред само две години дојде на голема врата со девизата: „Враќање на Чави - спас за Барса“?

Со таа парола Жоан Лапорта, во време пред да стане претседател на Барселона по втор пат, се фалеше во изборната кампања со едно од своите најголеми предизборни ветувања.

„Пред две години бев решение. Сега не сакам да станам проблем“, со тие зборови Чави кој претрпе уште еден понижувачки пораз (3:5 од Виљареал) го отворил пресот после дебаклот.

Чави доби несреден состав од Роналд Куман и набрзо го доведе во ред. Направи каков таков систем и уште во првата сезона изненадувачки ја освои шампионската титула во Ла Лига со тим кој прими најмалку голови во цела лига. Дојде во Барселона кога клубот се соочуваше со најголемата криза како финансиска така и управувачка.

Во моментот кога Чави седна на клупата, во екипата беа играчи како Оскар Мингеза, Нико Гонзалес, па зимските „засилувања“ Адама Траоре, Пјер-Емерик Обамејанг и обвинетиот Дани Алвес. Ниеден од нив не играше во прва постава.

Чави се адаптираше на екипата и направи резултат. Барса не стана онаа старата голема која ги торпедира своите ривали но играше интересен фудбал. Чави со насмевка на лице постојано потенцираше дека му требаат засилувања а претседателот Лапорта упорно одговараше дека прават револуција не само едно засилување и дека ќе им треба време.

Главен играч во новиот систем на Чави стана Усман Дембеле но тој за огромни средства замина во ПСЖ. Чави неколку пати индиректно кажуваше дека тоа што клубот го пушта Дембеле значи и предавање на неговите идеи. 

ЛЕВАНДОВСКИ НЕ БИЛ ЖЕЛБА НА ЧАВИ

Како што во првиот мандат на Лапорта Роналдињо беше главна ѕвезда, медиумски и маркетинг магнет, така и сега тој поради тоа го довел Левандовски а се откажал од Обамејанг иако Чави верувал дека Африканецот повеќе му одговара во системот. Но Лапорта се решил за Полјакот за кого верувал дека медиска ѕвезда мора да има во екипата.

Но Левандовски можеби е познат во други европски земји а не и толку за Шпанија каде пример еден Педри е многу попопуларен. Левандовски не бил кандидатура на Чави туку на Лапорта. Но дури и во такви услови тренерот испадна победник и ја освои шампионската титула уште во прва сезона.

Таа титула многумина му ја препишуваат и на Тер Штеген но Барселона доминираше на цела територија на теренот и имаше одличне посед. Без топка играа одличен активен пресинг и тоа е дело на Чави. Единствен негов грев е излишниот прамгатизам односно посед на топка само така „ради реда“ посед на топка.

Шампионската титула во Шпанија дојде како мелем за сите навивачи на Барселона иако во Европа Барса имаше рана елиминација.

Многумина забораваат дека во летото 2023-та од Барселона заминаа долгогодишните носители на играта: Жорди Алба, Серџи Бускетц и Усман Дембеле. Тројца најважни елементи во структурата на Чави. На место нив дојдоа Ориол Ромеу, 16-годишниот Ламин Јамал и Алекс Балде.

Чави продолжил да настојува да го бара Мартин Субименди од Сосиедад, за него зборуваше дека е „новиот Бускетц“ но Лапорта упорно одговарал дека пари нема што е и сурова вистина. На крајот од летото лани Барса направи два супер трансфери, ги доведе Жоао Феликс и Жоао Кансело, Португалците кои си го бараа своето место.

Феликс тргна сјајно, даваше голови но не им лежи на екипи кои сакаат активен пресинг. Чави му даде шанса, но кога го видел неговиот однос сфатил зошто Симеоне со години вика дека Жоао е мрзлив играч. Бекот Кансело, пак, заигра поофанзивно како десно крило и е важен дел од тимот.

Минатата сезона Барса имаше двајца централни стопери и еден дефанзивец кој може и бек (Кунде). Барселона сезонава е како слободен уметник. Понекогаш може да го расканта противникот 5:0 но на подолг период во текот на долгата сезона играта е се помалку стабилна и тоа поотворено се гледа.

Барселона можеби минатата сезона беше попрагматична екипа која ги користеше своите шанси. Сезонава играат поотворен фудбал, достоен на славното реноме но играчите не ги реализираат приликите. А на гол позади им е Пења а не повредениот Тер Штеген.

Чави веројатно ја загуби шампионската трка во натпреварите каде Барселона не беше толку лоша но изгуби бодови: во октомвриското „Ел класико“ кога во последните секунди прими гол и од пресврт изгуби 1:2. Исто со Жирона пораз од 4:2 а единствено победија 1:0 против Атлетико од тимовите од врвот.

Но Барселона игра и во осминафинале на Лига на шампиони каде тераше добро и тоа без повредените Педри, Гави, Тер Штеген, редовно Араухо и понекогаш Кунде. А пари нема како некогаш.

НЕМАЛ ВЛАСТ КАКВА ШТО САКАЛ

Чави немал целосна власт врз изборот на составот. Доказ за тоа е што после есенскиот пораз од Жирона планирал да ги продаде Араухо, Гиндоган и Левандовски но Лапорта не дозволил. Како што пишува Мундо Депортиво, Лапорта наводно сметал краткорочно на оние 2,8 милиони евра кои Барселона би ги добила со победа над Антверпен во Лига на шампиони. Но изгубија 3:2.

„Јас никогаш нема да ѝ правам проблем на својата Барселона. Како што реков ова е мој клуб. Но исходот од работата во Барселона е жесток, непријатен, чувстуваш неуважување. Тоа ужасно го подрива психичкото здравје, душевната состојба, до таков степен што ти сам викаш дека нема смисла да продолжиш. И моите блиски знаат за тоа. Тоа се случи со сите тренери во клубов. Тука не може да се има свој Фергусон“.

Чави не е проблемот за Барселона. Главен проблем на овој клуб е нереалните очекувања во кризни времиња. И не се однесува ова само кон Лапорта. Барса не сака да прифати дека е во кризен момент.

29 јануари 2024 - 11:25