Златан дава голови 24 години по ред во секоја сезона, против 80 различни клуба во топ 5 лиги

Во неделата Милан без голем напор ја совлада Венеција со 0:3. Првиот гол уште во 3’ минута го постигна Златан Ибрахимовиќ. Швеѓанецот со босанско потекло на тој начин ја продолжи уникатната серија - дава најмалку по гол цели 24 години по ред.

Неверојатната серија на 40-годишниот Златан Ибрахимовиќ започна уште во далечната 1999-та година кога играше за шведски Малме. На 18 години. И продолжи до ден-денешен.

После Малме отиде во големиот Ајакс. Таму играше четири сезони и два пати стана шампион на Холандија

Во 2004 расниот стрелец Златан отиде во Серија А каде успеа да игра за сите топ клубови. Почна во најтрофејниот, Јувентус, каде врза две шампионски скудета кои подоцна судот им ги одзема на бјанконерите поради големиот скандал Калчополи. (Ибра ден-денес си ги смета тие титули како регуларно освоени).

Потоа потпиша со најголемиот ривал на Јуве, Интер со кој освои три шампионски титули. Таму се запозна и работеше со Жозе Мурињо.

Во 2010-та година како круна на фантастичните партии од Италија му дојде покана за голем трансфер во Барселона. И кога сите очекуваа дрим тимот со Меси и компанија да биде најневеројатен на свет, Ибра влезе во конфликт со тренерот Пеп Гвардиола и после само една година во Шпанија се врати во саканата Италија.

Стави параф на договор со уште еден гигант: Милан. За две сезони во црвено-црниот дрес постигна 42 гола и намести дури 20 асистенции.

Во летото 2012-та како најдобар шпиц на светот отиде во ПСЖ чии газди на Милан за него и за Тиаго Силва му платија 62 милиони евра (20 за Ибрахимовиќ, 42 за Бразилецот).

Во прекрасниот Париз Ибрахимовиќ стана права легенда - три пати беше биран за најдобар играч на сезоната и најдобар стрелец беше три пати во 2013-та, 2014-та и 2016-та. Ја сврти и оваа игрица во Лига 1

Во 2016-та објави дека нема да го продолжи договорот со Парижаните и дека на лето го напушта клубот. Како слободен играч го потпиша Манчестер Јунајтед каде одново се сретна со Жозе Мурињо и освои три трофеи.

Но во април 2017-та ги повреди лигаментите а враќањето му одеше многу тешко. Имаше гласини дека во клубот немале трпение да го чекаат неговиот повраток. На 22 март 2018-та Манчестер Јунајтед и Златан го раскинаа споразумно договорот а Ибра замина во американски МЛС каде потпиша богат договор со Лос Анџелес Галакси.

Американската турнеја ќе му се памети: 52 гола на 56 меча.

Во јануари 2020-та соопшти дека сака да се врати во Европа и тоа беше сигнал за Милан да ја прифати пружената рака од големиот Ибрахимовиќ кој во неколку наврати изјави дека токму росонерите му се најдраг клуб на Апенините.

По камбекот во Италија Ибракадабра одново ги тресе мрежите во свој стил. Постигна 33 гола на 50 средби досега. Во неделата на 9 јануари 2022 против Венеција постигна јубилеен гол: против 80-ти различен клуб во Топ 5 лиги. Претходно такво нешто му успеало само на Кристијано Роналдо.

Притоа Милан после долги години се врати во Лига на шампиони каде играше и големиот Ибра. На свои 40 години.

 

11 јануари 2022 - 09:10