Зидан и Карим се кабили - берберски народ од Алжир со кој многу се поврзани

Творците на големиот шампионски успех на Реал Мадрид имаат исто потекло. Нивните родители се од северен Алжир а и Зизу и центарфорот се родени во Франција но не забораваат на своите корени.

Сезоната во Ла Лига заврши шампионски за Зинедин Зидан и Карим Бензема. И двајцата го водеа Реал Мадрид до титулата првпат после три години. Зизу го освои 11-от тренерски пехар со Реал Мадрид, а Бензема првпат во кариерата постигна 20+ гола во две сезони по ред (21).

„Карим треба да добие Златна топка. Сезонава нема подобар играч од него. Сите играчи на Реал беа добри, но посебно Карим“, изјави претседателот на клубот Флорентино Перез.

Интересно Зидан и Бензема ги спојуваат не само Реал и Франција. И двајцата потекнуваат од кабили - берберски народ кој води потекло од Северна Африка и кој го примил исламот од VIII век. Овој народ воглавно живее на северот од Алжир, а постојат тврдења дека пред да бидат исламизирани, тие биле христијани.

Алжир долго време бил дел од Франција па многу кабили од економски и политички причини мигрирале во Франција.

Од околу 5,5 милиони кабили, околу 1 милион живее во Франција. Некои од нив се многу познати, на пример Килијан Мбапе и глумицата Марион Котијар кои се кабили по мајка. Партнерот на Марион во култниот филм „Такси“ Сами Насери е кабил по татко.

РОДИТЕЛИТЕ НА ЗИДАН ДОШЛЕ ВО ФРАНЦИЈА ПРЕД АЛЖИРСКАТА ВОЈНА, ЗИЗУ Е ГОРД НА ПОТЕКЛОТО

Смаил и Малика Зидан емигрирале во Париз од северно-алжирското село Агемун во 1953 година.

Во Алжир набрзо после тоа почнала војна за независност од Франција која однела стотици илјади животи. Оние кои успеале да ибегаат пред почетокот на пеколната војна, се спасиле. Родителите на Зидан не се Арапи, татко му никогаш не војувал на ничија страна, така што не го сметале за бегалец.

Но во Франција ги пречекале нови искушенија, не можеле да најдат работа. Во средината на '60-те години семејството на Зидан пристигнало во северното предградие на Марсеј - Кастелан. Зизу се родил подоцна во Марсеј како петто дете во семејството.

Живееле скромно во не баш безбеден реон во кој имало висока стапка на криминал и невработеност. Татко му работел како магационер и ноќен чувар во стоковна куќа, а мајка му била домаќинка.

„Чувствувам многу блискости со арапскиот свет. Тоа ми е во крвта преку родителите. Многу сум горд што сум Французин но многу сум горд и на моите корени“, рекол најдобриот француски фудбалер во историјата.

Минатата година Зидан и честиташе на репрезентацијата на Алжир победа на Африканскиот Куп на нации. „Мојот постар брат би бил горд“, напишал Зидан една недела по смртта на брат му Фарид. „Честитки Алжир. Ова е победа на целиот народ“

Интересно во април 2020-та година шпанските и алжирските медиуми соопштија дека синот на Зидан, Лука ќе игра за Алжир. Селекторот на оваа земја Џамел Белмади го убедил 21-годишниот голман дека тоа е правилна одлука.

Се очекува Лука Зидан да дебитира на есен во октомври во квалификациите за Светско првенство.

БЕНЗЕМА РАСТЕЛ ВО СИРОМАШЕН РЕОН НА ЛИОН ЗАЕДНО СО ОСУМ БРАЌА И СЕСТРИ

Двата родители на Карим имаат алжирски корени. Мајка му се родила во Лион, а татко му дошол од реонот во Алжир од каде претходно се преселиле и родителите на Зидан. За нивната преселба не се знае многу.

Во семејството на Бензема имало девет деца - пет девојчиња и четири машки. Карим е роден во Лион, во опасниот реон Брон каде живееле воглавно семејства на имигранти од Африка. 

Во 2006-та година Карим доби повик да игра за репрезентацијата на Франција но поради повреда не беше во составот. Тоа проба да го искористи Алжирската фудбалска федерација кој му понудила да игра за нив.

Карим ги одбил. „Моите родители се од Алжир, таа земја е во моето срце, но фудбал ќе играм за Франција“.

Бензема веќе пет години, од 2015-та не го викаат во дресот на „триколорите“ поради скандалот со Матје Валбуена (наводно Карим го уценувал соиграчот од репрезентацијата дека има компромитирачки снимки и дека ќе ги пушти во јавност).

Минатата година шефот на Француската фудбалска федерација Ноел Ле Гре изјавил дека репрезентацијата кариера на Бензема е завршена. Во одговор Карим напиша на Твитер дека може да заигра за друга селекција. Според правилата Бензема треба да се откаже од француско државјанство за да се створат услови да игра за друга земја но тоа е нереално.

Селекторот на Алжир Џамел Белмади ги демантирал наводите дека го контактирале Карим. Рекол дека во репрезентацијата веќе има одлични напаѓачи.

Бензема исто како и Зидан му честиташе на Алжир за 58 години независност.

ЗИДАН И БЕНЗЕМА СЕ МУСЛИМАНИ, ЗИЗУ СЕКОГАШ ВИКА ДЕКА ТОЈ Е КАБИЛ ОД КАСТЕЛАН

По правило кабили се сметаат себеси за муслимани-сунити. Зидан и Карим Бензема не се исклучок.

Додека работеше како спортски директор на Реал Мадрид, Зидан во Париз организирал ифтари - вечерен оброк во време на Рамадан Неговиот втор братучед Рабах еднаш раскажал дека Зидан никогаш не се срамел од своите религиозни ставови иако понекогаш не ги исполнувал сите верски обврски - како на пример не секогаш постел.

Бензема држи пост, а во 2013-та година донирал и три милиони евра за изградба на џамија во Лион. Карим без проблем одбележува и Божиќ во клубот или репрезентацијата.

„Секако, немам посебни чувства тој ден но многу ги уважувам другите луѓе и нивната вера. На Божиќ со задоволство ги поздравувам другарите, им дарувам подароци“, изјавил Бензема.

Иако Зидан и Бензема се родени и пораснати во Франција, тие никогаш не го забораваат своето потекло.

„Никогаш не го напуштив Алжир. Алжир живее во моето срце. Многу добро го памтам времето кога се срамев да кажам од каде сум, но сега се срамам поради тоа. Татко ми е Алжирец кој се гордее на своите корени. А и јас исто. Тој ми има кажано дека имигрантот е должен да работи два пати повеќе од кој било друг жител. Секогаш паметам кој сум и од каде сум, горд сум на тоа што сум. Во прв ред јас сум кабил од Кастелан, а после Алжирец од Марсеј и на крај Французин“.

21 јули 2020 - 20:50