Жозе Мурињо: „Не ги отпишувајте Турција и Македонија“

Рома во првиот дел од сезоната беше поразена од градскиот ривал Лацио 3:2, но во неделата се одмазди и славеше со убедливи 3:0. Жозе Мурињо беше „пун ко паун“, горделиво даваше изјави после мечот и ја спомна и Македонија.

Со два гола на Тему Абрахам (првиот беше најбрз во историјата на градското дерби Рома - Лацио) и еден преубав гол на Пелегрини од слободен, Мурињо и Рома освоија три важни бода во трката за еврокупови.

Португалецот меѓу другото на прес-конференција зборуваше дека воопшто не ги сакал навивачките еуфорични извици „оле“ при додавања кога противникот е нокаутиран. Кажа и дека очекува уште повеќе од јунакот на мечот Абрахам, а го прашаа и за претстојниот плејоф, бараж дуел за пласман на Светско.

Португалија дома ја пречекува Турција а Италија Македонија. Домаќините се огромни фаворити на овие натпревари, но...

„Не смее да се заборават Турција и Македонија. За нас (Португалците) ќе биде тешко со Турција. Никој не може да очекува јас да бидам неутрален. Си ја сакам Италија, сакам да живеам тука и и благодарам на оваа земја за се што доживеав во Интер и сега во Рома, но сепак Forza Portugal! Одиме на Светско“, изјави Мурињо.

Натпреварот Италија - Македонија се игра во четврток од 20:45 часот во Палермо на стадионот „Ренцо Барбера“ кој ќе биде исполнет до последно место.

21 март 2022 - 13:16