СЕ ЗАПОЗНАЛЕ НА 18 ГОДИНИ ВО БУТИК, А ОД НЕА НАУЧИЛ СТИЛСКИ ДА СЕ ОБЛЕКУВА
Пеп ја сретнал Кристина уште кога не бил познат играч на Барселона. На 18 години Пеп влегол во бутикот Serra Claret, а таму имало фотосесија за брендот Antonio Miro. На касата работела Кристина. Тој бутик бил во сопственост на нејзиното семејство кое подоцна отворило луксузна продавница во градот Манреса.
Пеп се вљубил во неа на прв поглед.
Денес Кристина заедно со сестра и Џудит раководи со бутиците Serra Claret во Барселона и во Манреса. Во овие бутици може да се најдат брендовите: Dsquared, John Richmond, Philipp Plein, Herno.
Овие бутици се многу популарни меѓу играчите на Барселона. Таму често пазареле Меси, Чави, Иниеста, како и големиот љубител на Stone Island, Луис Енрике.
Кристина и Пеп подоцна се венчале, а таа многу влијаела на вкусот на Гвардиола за гардероба. Денес Пеп редовно се наоѓа на рејтингот на најстилски облечени тренери во Европа: британскиот Esquire го ставил рамо до рамо со Бред Пит и Џаред Лето. The Telegraph во 2017 година го ставил Пеп во топ-10 најдобро средени мажи на светот (таму биле уште и Бредли Купер, Рајан Гослинг, Том Харди и др.).
Men's Health пишувал дека Гвардиола се облекува најдобро од сите во англискиот фудбал. Британскиот GQ отишол подалеку и подробно објасник зошто Пеп е толку фраерски облечен. Тајната била во тоа што Пеп внимателно ги бирал костимите во однос на својата фигура, не се плашел од силни бои и просто генијално му стои кежуал гардероба, секојдневен стил на облекување.
Доказот за влијанието на жена му може да се види на Инстаграмот на Serra Claret. Во ноември жена му на Пеп поставила фотографија од својот маж во легендарниот кардиган џемпер од италијанскиот бренд Herno. Овој џемпер од колекцијата есен/пролет 2018 чинел 1.215 долари.
Идејата Пеп да носи голем шал околу вратот, како и некои други аксесоари исто е на жена му која го облекува и во италијанскиот бренд Аvant Toi.
Фото на Пеп со патиките Rick Owens, исто од акаунтот на Serra Claret:
Жена му на Пеп, Кристина е личност која воопшто не се појавува во медиумите, не дава интервјуа и не сака внимание. Таа периодично се појавува на јавни настани со Гвардиола, а на натпреварите понекогаш оди со децата Мариус (2001), Мари (2003) и Валентина (2008). Кога Пеп беше тренер на Баерн Минхен, заедно одеа на најголемиот светски пиво фест „Октоберфест“.
Реномираниот El Confidential еднаш спровел мини-истражување за семејството на Пеп и пишувал дека Кристина секогаш го поддржувала каталонскиот тренер во одлуките за кариерата и без колебање одела со него во Италија, Мексико и Катар.
Тие двајца совршено се надополнувале. Пеп потекнува од скромно семејство, а Кристина од богато. Таа го научила да цени добра храна, да избира добри вина, да се насладува на патувањата и со стил да се облекува.
Кристина ја привлекувало киното или модата, а исто така и движењата за поддршка на независност на Каталонија за кои Пеп јавно зборуваше и дури и доби казна поради беџот за поддршка на политичките затвореници.
Откако Гвардиола решил да направи пауза после најуспешната ера во историјата на Барселона, жена му сакала да одат да живеат во Њујорк. Во САД тие живееле помирен живот без медиуми, а децата добро научиле англиски јазик.
„Кога дојдовме не знаеа (децата) збор да кажат на англиски. После шест месеци слободно зборуваа на англиски. Идеално“, рекол Гвардиола во интервју за BBC.
Кристина еднаш се појавила јавно во медиуми, кога Пеп го обвиниле за наводна употреба на допинг во 2001 година (тогаш играше во Бреша со Баџо, а во крвта му нашле нандролон, силен анаболички стероид). „Пеп многу се измачи. Не сакаше да зборува на совет на адвокатите. Имаме тежок период“ им рекла Кристина на новинарите.
Во октомври минатата година Гвардиола гостуваше во станицата на BBC Radio 5 и му даде ексклузивно интервју на најголемиот биограф на славните фудбалери, Гиљем Балаге. Разговорот почнал необично, тренерот бирал омилени песни и раскажувал важни животни етапи.
Прва песна ја избрал The Healing Day од Бил Феј. Пеп рекол дека оваа песна идеално му оди додека чита книги навечер или додека е дома со семејството.
„Секој бега од реалноста на свој начин - кога сум истрошен, од мене нема поубаво место од домот. Само дома се чувствувам сигурен и во безопасност. Ги затворам вратите и мирно ми е. Својата работа ја знам од 18-19 години. Во таков ритам продолжив многу години но нема проблем. Кога сакам да се сокриам од се, одам дома.
Домот, жена ми, децата, таму може да правам се што ми е убаво. Можам да викам и да се смеам, никој нема да ме осудува. Благодарение на жена ми Кристина имаме добро воспитани деца. Таа е неверојатна жена и одлична мајка. Во Минхен, Манчестер или Њујорк не би одел ако таа не сакаше. Јас не можам да работам без семејството до мене“, рекол Пеп.
СЕ ЗЕМАЛЕ ВО 2014-ТА НА ТАЈНА ЦЕРЕМОНИЈА
Парот официјално се венчал дури во 2014-та година, после 20 години заеднички живот. Церемонијата била во мај во местото Матадепер. Се било неформално: Пеп носел панталони и маичка, Кристина фармерки и црвена кошула. Имало 10 гости од кои родителите на Пеп и Кристина и децата.
Следното утро отпатувале во Маракеш каде ја прославиле венчавката. Биле во хотелот Amanjena и три дена се дружеле со пријателите меѓу кои биле режисерот Давид Труеба, музичарот Луис Лијак и Гиљермо Амор кој играше за Барса во ’80-те и ’90-те години.
Додека беше тренер на Баерн Минхен со кого освои многу трофеи, Пеп еднаш изјавил: „Да ѝ ја објаснам ротацијата на играчи на жена ми е потешко отколку да му кажам на Робен: „Арјен, ти денес ќе останеш на клупата за резерви“. Жена ми е посложена од Робен. Кристина некогаш се жали на моите тактички решенија. Вика дека не треба да го менувам составот со кој сум победил на последниот меч“.
Замислете го Пеп пред да излезе од дома да оди на натпревар од Премиер лига, жена му му врзува шал и му приговара: „Агуеро не го менувај, Силва на крило нека игра, таму е свој на свое. И да, не заборавај, во напад пошироко, во одбрана позбиени“.