Заслужена елиминација

Со три порази по точно 32 години, репрезентацијата на Холандија не успева да се пласира во втората фаза од некое големо натпреварување. Разочарувањето во Холандија е огромно, овој состав се вбројуваше меѓу најсериозните кандидати за освојување на првото место, но лошото издание на крај им донесе последно место во групата со само два постигнати и пет примени погодоци.

"Бевме очајни на првенството по сето она што го прикажавме за овие три натпревари не ни заслуживме да одиме понатаму", изјави по натпреварот Рафаел ван дер Варт.

Тој за прв пат на турнирот доби шанса да се најде меѓу стартерите и довербата ја оправда со постигнување на погодок, кој на Холанѓаните им донесе водство од 1:0, но сепак на крајот Португалија беше тимот што победи и се пласираше во четврт-финалето.

"По поразот од Данска беше јасно дека не чека пекол во следните два дуели и бевме свесни дека го доведовме во прашање пласманот во вториот круг. Сепак имавме уште два натпревари да го коригираме впечатокот, но за жал не направивме ништо. Сега ќе мораме да одиме од почеток", заврши Ван дер Варт.

Во следниве неколку денови ќе следи анализа на тоа што се случуваше во Полска и Украина, сигурно дека некои од фудбалерите може и да се простат од националниот тим, но едно е сигурно за да се стигне до добар резултат потребна е позитивна атмосфера во екипата, која на овој турнир во составот на Берт ван Марвијк ја немаше.

Поделбата меѓу играчите, јавно искажаното незадоволство од работата на селекторот беа јасни знаци дека Холандија на овој турнир може да доживее дебакл и на крајот тоа се случи.

Холандија понижена се враќа дома, а Германија и Португалија се подготвуваат за место во полуфиналето. Во првата елиминациска рунда ги очекуваат релативно лесни противници Грција односно Чешка.

18 јуни 2012 - 00:36