Во период од три години Аталанта остана без фудбалери од кои обично вакви клубови зависат и потоа доаѓа оној класичен муабет „А готово сега, конкурентите ќе им ги купат најдобрите и ќе се распаднат“.
Тоа се Калдара и Спинацола во Јуве за 19 и 25 милиони евра. Конти и Кеси во Милан и двајцата за по 24 милиони евра. Кристане и Манчини во Рома за 21 и 20 милиони евра.
Но без разлика на овие јаки излезни трансфери, тие не само што опстанаа во горниот дел на табелата, туку стигнаа до финалето на Купот на Италија кое го загубија од Лацио, завршија трети пред Интер и во дебитантската сезона во Лига на шампиони остварија сензационален пласман во осминафинале.
Што значи ова во пари? Епа само ѕирнете ја фоткава и сè ќе ви стане јасно. Аталанта со пласманот во топ 16 заработи пари кои ги немала како годишен буџет за плати.
15,25 милиони заработија само од влезот во групна фаза, а уште 15,8 од бонуси и пласманот во осминафинале, на страна маркетинг, тв права и продажба на карти. Победите против Динамо и Шахтјор им донесоа по 2,7 милиони евра, а ремито против Сити 900.000 евра.
Успехот на Аталанта е редок и по друг основ. Со 7 бода колку што освоија можеш да станеш осминафиналист, ама да бидеш и на дното. Тоа му се случи на Зенит во групата Г, каде пред нив завршија Бефика исто така со 7, Лион со 8 и Лајпциг со 11 бода. Истата судбина ги снајде лани и ЦСКА Москва.
Но се случувало фазата по групи некој да ја мине и со само 6 бода, а тоа им успеало на Рома 2015/2016 и Зенит 2013/2014. Рома со Гарсија помина замислете со само една победа, три нерешени и два порази. Имаше ист број на бодови со Баер Л., но подобра гол разлика.
Други осминафиналисти како Аталанта со 7 бода биле Базел 2014/2015, Галатасарај 2013/2014, Вердер 2005/2006, Ренџерс 2005/2006 и Динамо Киев 1999/2000.