Знаете ли како се вика судијата, кој е инаку рекордер по број на настапи во Лига Европа? Александар Ставрев. Чисто како вовед за тежината на три децениската кариера на 47 годишниот скопјанец, кој стана ФИФА судија во 2006-та.
Крајот на годината за него носи посебни емоции, бидејќи ги досуди двата последни натпревари во кариерата. Најпрвин беше испочитуван со шпалир и подароци на Градски на средбата меѓу Работнички и Пелистер, а потоа со честитки и часовник на мечот Порто - Мидтлијанд, од претседателот и тренерот на поранешниот европски првак.
Најафирмираниот македонски фудбалски судија во автобиографијата ќе запише импозантни бројки од 1.022 натпревари во 48 земји. Знаете ли друг таков?
Дебито во ЛШ ќе му остане запишано на Камп Ноу пред скоро 97.000 публика, каде се ракуваше со Чави, му судеше на Меси, а на крајот доби честитки за беспрекорното судењето, како и максимална оценка.
27 години делење судиска правда од кои 19 меѓународна, над 1.000 домашни натпревари, 148 меѓународни (15 во ЛШ и 59 во ЛЕ), непристрасност, популарност, имиџ, поим за македонски судија. Точни ли сме? И што би додале вие?
Скоро 100% Ви е точна статистиката. Еве попрецизно:
Вкупно 1022 натпревари во сите натпреварувања и категории.
Вкупно 371 натпревар во 1 МФЛ, 72 во 2 МФЛ, 9 баражи, 35 КУП натпревари од кои 7 финалиња (4 главен судија, 1 дополнителен асистент, 2 како 4-ти судија), 1 Супер КУП.
6 пати прогласуван за најдобар судија (2009, 2010, 2011, 2012, 2014/15, 2016/17).
Вкупно 147 меѓународни натпревари.
14 во Лига на шампиони.
56 во Лига на Европа.
20 квалификациски натпревари на “А“ селекции за Европско и Светско првенство.
Дебито ми е во младинска категорија, пролетта 1997 година.
Прв натпревар во 2 МФЛ на 06.09.2000 година КУМАНОВО-ВАРДАР НЕГОТИНО (2:0)
Прв натпревар во 1 МФЛ на 11.09.2002 година БРЕГАЛНИЦА ДЕЛЧЕВО-ТИКВЕШ (0:1)
Би открил еден податок кој малкумина го знаат, а тоа е дека сум судија рекордер во УЕФА со најмногу отсудени натпревари во Лига на Европа (сметајќи само групна и елиминациона фаза) и тоа вкупно 39 натпревари.
Кога веќе дојде моментот за сумирање на бројките и впечатоците, колку градови, земји и стадиони ви донесе судискиот занает? И како би го опишале во пар реченици?
Само за судење посетени вкупно 48 земји и 92 различни градови. Ми недостасуваат Естонија, Фарски Острови, Андора и Гибралтар од сите земји членки на УЕФА. Единствено и незаборавно патување и искуство што вечно ќе се памети и раскажува. Посетени земји, градови и стадиони кои приватно можеби никогаш не би ги посетил.
Барселона - Викторија Плзен, натпревар од групната фаза во ЛШ. Деби во ЛШ на Камп Ноу, па уште и со Меси, Чави, Иниеста...Паметиме дека не доделивте ниту еден жолт картон, а пак во соблекувалната после мечот сте биле многу пријатно изненадени со еден гест од претседателот на Барселона. Што ќе ни раскажете за тоа ваше прво искуство во најелитното клупско европско натпреварување?
Навистина имавме голема среќа, нашиот прв натпревар и воопшто прв натпревар на некој македонски судија во групната фаза на Лигата на шампиони да биде на стадионот Камп Ноу, каде домаќин беше можеби најсилната екипа на Барселона, предводена од најдобриот среден ред во историјата на фудбалот. Атмосферата на трибините што ја создадоа 97.000 гледачи беше неверојатна, но на теренот максимално коректно. Натпреварот заврши со многу малку прекршоци, без ниту еден картон, со многу брзо темпо и отворена игра од двете страни во текот на сите 90 минути.
На крајот на натпреварот добивме честитки од сите официјални лица за одличното судење, а од контролорот на натпреварот бевме оценети со максимална оценка. Тој натпревар беше последен во судиската кариера за еден од моите асистенти, Љубомир Крстевски од Битола. Тоа го знаеја домаќините, па веднаш после натпреварот, во соблекувалната дојде претседателот на Барселона за лично да му честита за неговото судење и пензионирање и за спомен му подари дрес на Барселона потпишан од сите играчи. Навистина еден прекрасен гест за да се одбележи крајот на една блескава судиска кариера.
Веројатно имате спласнати емоции, но свежи сеќавања од последниот судиски танц на мечот Порто и Мидтлијанд во ЛЕ. Што може да споделите од тој дуел?
Повторно, имавме среќа последниот меч за мене и за мојот асистент Дејан Костадинов да биде на поранешен европски шампион, на прекрасниот “Драгао“ во Порто. Пред и за време на мечот подготовките и мислите беа вообичаени како и на секој друг натпревар претходно, но веднаш после последниот свиреж во главата во неколку секунди ми се изврте целата кариера и успеси што сме ги постигнале. Бидејќи домаќините и официјалните лица од УЕФА исто така беа информирани дека ова е наш последен натпревар, по натпреварот примивме лични честитки од претседателот на Порто, познатиот тренер Андре Вилаш Боаш, а во името на клубот добивме подарок рачен часовник со грбот на Порто. Нема за што да жалам, бидејќи ги исполнив сите мои соништа и цели во кариерата и горд и среќен заминувам во “судиска пензија“.
Ајде малку околу комуникацијата со играчите која не ја слушаме во преносите. На речиси секој натпревар гледаме незадоволни играчи од одредени судиски одлуки. Реални ли се во забелешките или тоа е само очекуван притисок на кои сте навикнати?
Во најголем број случаи приговорите се неосновани, туку се резултат на некоја лична фрустрација на играчите, барање алиби за некои нивни погрешни потези или лоша игра, а во одредени случаи и свесно правање на притисок врз судијата во битните моменти од натпреварот. Научени сме на тој притисок и наоѓаме начин успешно да го изменаџираме. Доколку пак играчите претераат со тоа однесување добиваат дисциплинска санкција (жолт или црвен картон).
Ќе ни издвоите ли некое славно име со кое тешко се комуницира на терен? Може да е и тренерско. Кои се најдрски, а кои најголеми џентлмени на меѓународната сцена?
Најлошото искуство е поврзано со Хрватот Манџукиќ. Доста нервозен и безобразен играч, кој во првите минути од еден натпревар на Баерн Минхен постојано дофрлуваше на одлуките, користеше и безобразни зборови и пцовки, но многу брзо најдов прилика и начин да го “смирам“.
Кои се предизвиците за еден судија во мак фудбалот? Лига во која знаат да летаат камења и столчиња, во која сме гледале напади врз судии и во која кладилниците знаат да повлечат натпревар од понудата, поради сомнителност од местење?
Најтешко во нашата работа, поготово во македонското првенство е да стекнете авторитет и респект, играчите и официјалните лице да ве запознаат како личност која суди чесно и она што ќе го види на теренот, без разлика за која екипа и во кој период од натпреварот. Тогаш и во случај на грешка, актерите на теренот ќе го прифатат тоа.
Се дрзнал ли некој на Александар Ставрев да му даде непристојна понуда пред натпревар?
Не, никогаш. Кога од стартот на својата кариера ќе изградите имиџ на чесен и објективен судија, клубовите никогаш нема да се осмелат да понудат нешто непристојно.
Како ја оценувате досегашната работа на ВАР? И дали сте воопшто за ВАР? Би промениле ли нешто?
ВАР системот досега се покажа како добра алатка да се исправат крупни грешки на судијата кои би влијаеле на текот или на крајниот резултат од натпреварот. Посебно се задоволни судиите бидејќи на овој начин се намалува притисокот врз нив особено на битните натпревари каде што еден дел од секунда, само една погрешна одлука може да го одлучи победникот. Веќе никој не зборува за судијата, дури и во случај да направи грешка, која подоцна е корегирана на препорака на судиите во ВАР собата.
Грешките со ВАР системот се намалија, но не се искоренија. Зошто при толку модерна технологија уште постојат судиски грешки, во ситуација кога тројца судии може детално да ги анализираат спорните моменти на екрани?
Грешки секогаш ќе има, дури и со најсовремена технологија, бидејќи на крај, конечната одлука ја носи главниот судија, значи субјективен човечки фактор. Постојат многу ситуации кои се во т.н. “сива зона“, односно во рамките на судиското убедување, кога стручното мислење е поделено. Сепак, крупните грешки кои порано предизвикувале скандали веќе ги нема.
Најголемиот проблем останаа пеналите и одлуките на судиите да не викаат помош од ВАР при секоја спорна ситуација, која пак знае да донесе многу полемики откако ќе ја видиме во тв пренос. Зошто главниот судија не ги решава сите спорни пенали со гледање забавена снимка? И до каде се ингеренциите на судиите во ВАР собата?
Согласно ВАР протоколот, судиите во ВАР собата се должни да го информираат главниот судија и да му препорачаат прегледување на снимка за одредена одлука, САМО доколку таа е ЈАСНО И ОЧИГЛЕДНО ПОГРЕШНА. Инструкциите се да се поддржи одлуката на теренот секогаш кога за тоа постојат елементи и видео доказ. Улогата на ВАР судиите не е да “ловат“ грешки на судијата, туку да корегираат јасна и очигледна грешка.
Втората ситуација која предизвикува полемики е полуавтоматскиот офсајд. Сезонава на мечот Барселона - Реал Сосиедад на Левандовски му беше поништен гол поради офсајд со врвот од копачките, а пак на мечот Венеција - Каљари играч беше во офсајд со крампонот од копачките. Ситуации кои сепак делуваат апсурдно. Што мислите за ова правило? И дали можеби се согласувате со предлогот на Арсен Венгер, офсајд да се суди само ако играчот е во офсајд со цело тело?
Можеби за навивачите некогаш “не е фер“ да се поништи некој гол за офсајд од 2-3 см, но тоа мора да се почитува кога технологијата ќе го сигнализира тоа, исто како што не можете да не признаете гол ако топката влегла само 2-3 см во голот. Сепак, тоа се фактички одлуки.
За мене е интересен предлогот на Арсен Венгер, тоа би дало предност на напаѓачите и би се постигнувале повеќе голови на натпреварите. Претпоставувам дека во блиска иднина овој предлог ќе се анализира и тестира.
Можете ли да откриете колку изнесуваат хонорарите на судиите во Лига на шампиони, Лига Европа и квалификации за ЕП и СП?
Хонорарите на меѓународните натпревари се малку повисоки отколку во домашното првенство и зависат од тоа во која категорија на судии во УЕФА припаѓате, во кое натпреварување во УЕФА и во која фаза од натпреварувањето судите. Сепак, најголемо наше богатство е тоа што пропатувавме скоро низ целиот европски континент, посетивме толку многу градови и стадиони и што имавме шанса да судиме на многу големи екипи и играчи. Истовремено, запознавме многу луѓе низ цела Европа и стекнавме многу пријателства кои траат и до денес.
Кои ви се плановите по завршувањето на судиската кариера? Да можевте би продолжиле уште со свирчето?
Отсекогаш сум сакал да едуцирам и да им помагам на помладите колеги. Затоа останувам активно околу судиите. Од новиот Претседател на ФФМ г-дин Масар Омерагиќ и од Управниот одбор добив шанска како Претседател на Судиската комисија при ФФМ да формирам тим на соработници со кои ќе работиме на континуирана едукација и усовршување на судиите и унапредување на судењето во целина. Активно ќе работиме и на имплементација на ВАР технологијата во нашето првенство, на унапредување на судењето на женските судии, регрутирање на млади судии.
Филип Нацоски