Финалето на ЕП 1996 ја донесе големата радост за едни навивачи, но истовремено и разочараноста на други кои во таква ситуација со душа чекаат да гледаат пенали.
Тоа беше Европско првенство на кое многу работи се случија за прв пат. Прво со 16 земји учеснички, бидејќи претходно беа само 8, прво со 3 бода за победа откако до тогаш се делеа по 2 и прво на кое важеше новото правило за златен гол.
Тоа беше шампионат со многу ѕвезди за кои се зборува и денеска, а кој се играше ќе сфатите најдобро од прогласениот тим на тоа ЕП.
Голмани: Дејвид Симан, Андреас Кепке.
Одбрана: Радослав Латал, Лорен Блан, Марсел Десаи, Матијас Замер, Паоло Малдини.
Среден ред: Карел Поборски, Пол Гаскоњ, Стив Мекманаман, Дидие Дешамп, Руи Коста.
Напад: Христо Стоичков, Давор Шукер, Павел Кука, Алан Ширер, Јури Џоркаеф.
Јако а?
Домаќин беше Англија, а до финале стасаа Германија и изненадувањето Чешка кои на пенали ги минаа полуфиналните пречки против Англија и Франција.
За Германците тоа беше прво финале по обединувањето, а за Чешка прв настап по отцепувањето на Чехословачка. Овие две селекции се сретнаа и во групната фаза каде Германија славеше 2:0, а на 30 јуни на Вембли во Лондон беше многу понеизвесно и возбудливо.
Чесите предводени од Недвед, Шмицер и Поборски поведоа 1:0 со голот на Бергер од пенал во 59-та минута, но немилосрдниот Бироф погоди се разбира со глава и го однесе мечот на продолженија.
Кој ли очекуваше дека продолженија од два пати по 15 минути ќе траат само 5 минути? Тогашниот напаѓач на Удинезе и истиот кој го израмни резултатот, ја имаше честа да му се израдува на првиот златен гол во историјата вреден пехар за Германија.
Истата радост ја почувствува и Давид Трезеге и тоа веќе на следното Европско првенство на кое прваци беа Французите.
ФИФА го донесе ова правило во 1990-та со надеж дека во продолженијата ќе има повеќе напаѓачки фудбал, но потоа стигнаа многу критики па го укинаа.