За Пандев треба да има проштален натпревар на Градски: Македонија против неговите пријатели од Серија А

Шпалирот и овациите на Јохан Кројф арената и тоа на сред Европско беа топ, да се разбереме, ама нешто ни фали. Сепак легенда испраќаме, а не било кој друг играч.

Горан Пандев треба да биде испратен во пензија со проштален натпревар како ѕвезда и точка. Чин кој би бил огромен спектакл и на кој веројатно нема човек во Македонија кој не бил уживал.

Замислете си полн Градски, 33.000 публика како го скандира неговото име и прави бранови а? Ежење. Натпревари кои сме ги гледале за други легенди, ама само на телевизија. Зошто да не доживееме и ние нешто такво во живо во Скопје?

Пандев тоа го заслужува. 20 години го потеше репрезентативниот дрес, направи кам бек на 32 години, што ретко кој го прави, го сплоти тимот, ја држеше соблекувалната, го постигна голот вреден Европско, го постигна првиот гол на Европско и се повлече како великан и рекордер со 122 настапи и 38 гола.

За клупската кариера да не почнуваме. 9 трофеи во Италија. Д Е В Е Т. 101 гол во Серија А, прв Македонец во историјата на кој му успеало тоа во најсилните 5 европски лиги.

Освои Скудето и Лига на шампиони во првите 11 на Интер, стана најдобар странски стрелец во историјата на Лацио и влезе во топ 10 стрелци на клубот. Потоа ги збесна официјалните спикери на Наполи и Џенова со неговите бравури. Вториве неколку пати ги спаси од испаѓање и сега не го пуштаат да се пензионира и му нудат нов договор на 38 години кој ги полни за месец дена.

Има уште многу што да се каже за Горан. Стекна статус на ѕвезда и легенда во Европа, а се работи за скромен дечко кој никогаш не летна во облаци. Погледнете само каков респект имаат кон него македонските репрезентативци, а и една плејада на играчи и кои играле и кои не играле со него.

Вака од прилика треба да изгледа тој натпревар:

Едниот тим треба да биде Македонија која играше на Европско, а за на клупа да избере пензионирани репрезентативци со кои играл во минатото. Тренер се знае. Мрме.

Вториот тим да го сочинуваат негови актуелни и поранешни соиграчи од Серија А со кои настапува/л во Лацио, Интер, Наполи, Џенова.

На пример Роки, Коларов, Ди Канио, Ето, Милито, Снајдер, Станковиќ, Кришито...Тој ќе покани кого смета. Тренер на оваа екипа? Па Мурињо, се разбира. Човекот со кој ја освои тројната круна во Италија.

Помошник може да му биде Делио Роси кој Пандев често пати го спомнува во интервјуа, дека верувал во него, му дал шанса како млад и со кој созреа и стана една од главните алки во Лацио.

Јако нели? Сите карти ќе се продадат, верувајте. Само некој треба да седне и да организира. Тоа е потешкиот дел, а поубавиот е оваа наша замисла. Горан тоа го заслужува, а мечот ќе биде фудбалски празник за Македонија и нешто незаборавно. На крајот еден круг на атлетската патека, каде ќе фрчат блицеви од сите страни.

П.С. Со пренос на МТВ се разбира, а коментатор Златко Калински во тандем со некој од актуелните.

25 јуни 2021 - 15:09