За љубов кон Џенова за враќам од Америка и за минималец од 2.274 евра месечно

Се изнаигра фудбал, 20 години во сениорска конкуренција, освои трофеи во Русија, стигна до дресот на Италија и настапи на Светско, фати и прекуокеански лет, но срцето му чука за Џенова, клубот кој заедно со Пандев го спасуваа во Серија А, сега со нова задача, да помогне да се врати.

Доменико Кришито е редок пример кој на крајот на кариерата ќе замине во САД, колку да се почувствува едно ново искуство и да се заработи уште нешто, а потоа за само неколку месеци да се поништи тој концепт.

Во јули минатата година дебитираше за Торонто каде заигра со своите сонародници, Лоренцо Инсиње и Федерико Бернардески, во ноември најави пензија, но ќе ја одложи поради една причина, а тоа е второлигашот Џенова.

Кришито одлучи да се врати кај својата стара љубов речиси без пари и прифати да игра до крајот на сезоната за само 2.274 евра месечна плата, колку што е минималецот дозволен од Италијанската фудбалска федерација.

Тој е дете на Џенова за која дебитираше на 16 години во Серија Б и каде ќе заигра по четврти пат во кариерата.

Во 2004-та направи траснфер во Јувентус за кој има 8 настапи, во периодот 2011-2018 беше во Зенит со кој освои пет трофеи, но за него Џенова е Џенова.

Дресот за овој клуб го потеше вкупно 10 сезони, беше капитен и заедно со Горан Пандев беа најискусни во тимот и носители на играта.

Кришито има и 26 настапи за Италија со која играше на Мундијалот 2010-та.

Неколку пати ја спасуваше Џенова да не испадне од Серија А, а сега ќе има задача да помогне да се врати. Се наоѓаат на четвртата позиција со 30 поени и -6 бода од лидерот Фрозиноне.

Лојалноста нема цена.

12 јануари 2023 - 13:09