Ромелу Лукаку сезонава е голема ѕвезда во Серија А и расен голгетер со 22 гола на сите натпреварувања за Интер. И покрај тоа што има 26 години, тој зад себе има веќе 10 годишна кариера која му почна во Андерлехт, па продолжи во Челси, ВБА, Евертон, Манчестер Јунајтед, Интер.
Со славата и парите кои сега ги има може да ужива во милион благодети, но прашајте го како му било како дете. За им стигне дома млекото за цел месец, го мешале со вода. Популарниот напаѓач зборуваше за таа голгота во детаљи.
„Се сеќавам на точниот момент кога бевме за никаде со пари. Сè уште можам да се сетам на погледот на мајка ми кога ќе го отвореше фрижидерот. Имав 6 години и за време на голем одмор отидов до дома да јадам. Секој ден го имавме истото. Леб и млеко. Кога си дете и не мислиш многу што има, па претпоставувам дека само тоа можевме да си го дозволиме.
Потоа еден ден се враќам дома и ја гледам мајка ми во кујна, овој пат како меша нешто. Не знаев што е, а таа се смешкаше како да е сè во ред. Потоа сфатив што е, млекото го мешаше со вода. Немавме пари за да го истуркаме месецот и во тој период го допревме дното.
Татко ми беше фудбалер, но беше на крај од кариерата и не заработуваше многу. Прво останавме без телевизија и без гледање фудбал, а се случуваше и струја да немаме и тоа по 2-3 недели. Кога требаше да се бањам, немаше топла вода и тогаш мајка ми не знам како ама наоѓаше начин да згрее барем за главата.
Знаев дека се бориме, бидејќи кога гледаш дека не ти стигнува за млеко и го мешаш со вода, тогаш јасно ти е. Таков беше порано нашиот живот“, раскажува славниот белгиски напаѓач кој минатото лето направи трансфер од Манчестер Јунајтед во Интер вреден 80 милиони евра.
Во тие тешки мигови од минатото, Ромелу бил со неговиот брат Џордан кој е само една година помлад. И двајцата ја почувствувале таа голгота, но сега се и двајцата професионални фудбалери.
Едниот игра за Интер, другиот за Лацио. Минатата недела беа противници на терен 90 минути, но пред мечот имаа топол братски поздрав. Заслугата за тоа што се денес е нивна. Издржаа и успеаа.