Дете на Дортмунд стана најмлад дебитант во историјата на Лига на шампиони

Мечот Зенит - Борусија Дортмунд донесе убав фудбал, многу голови, поведри теми од оној дуел во Париз меѓу ПСЖ и Истанбул и нов рекорд во Лига на шампиони.

16-годишниот талентиран шпиц на Борусија Дортмунд Јусуф Мукоко, за кого зборуваат многумина уште од 2017-та, сега дебитираше во сениорска Лига на шампиони! И стана најмлад дебитант во историјата.

Јусуфа Мукоко беше на клупата за резерви за натпреварите против Бриж и Лацио, но не влегуваше во игра. Пред последното коло Борусија Дортмунд веќе имаше обезбеден пласман во нокаут фаза па можеа да си дозволат експерименти.

Притоа и поради тоа што Ерлинг Холанд е повреден и ќе паузира до јануари.

Холанд со 6 гола го дели првото место на листата најдобри стрелци во Лига на шампиони. Норвежанецот е среќен што дебитирал малиот Мукоко: „Мислам дека тој во моментов е најголем талент на светот. 16 години и 1 дена (во моментот на деби во Бундеслига) е просто неверојатно. Има голема кариера пред себе“, рекол Холанд за помладиот соиграч.

Мукоко на крајот од ноември на меч против Херта (5:2) го замени Холанд кој постигна 4 гола на тој дуел и стана најмладиот фудбалер во историјата на Бундеслига.

Мукоко го урна рекордот на детето на Борусија Нури Шахин кој во 2005-та дебитираше за Дортмунд на 16 години и 335 дена.

Рекордот Шахин го држел толку долго поради системот на ограничување во Бундеслига за возраст.

Борусија пред некое време побарала дозвола од Бундеслига да го пуштат да игра уште пред да наполни 16 години и тој дебитираше следниот ден откако наполни 16.

После тоа деби со Херта Јусуф Мукко се појави на терен на уште два меча во Бундеслига, но не постигна гол. Затоа на 4 меча за У-19 тимот сезонава веќе има 13 гола и 1 асистенција.

На натпреварот со Зенит синоќа кој Дортмунд го доби со 1:3 после пресвт, Мукоко стана и најмладиот дебитант во историјата на Лига на шампиони. Денес има 16 години и 18 дена. Пред него апсолутниот рекорд го држеше Нигериецот Селестин Бабајаро кој во 1994-та година за Андерлехт дебитираше со само 16 години и 87 дена.

Ќе треба да се следи будно кариерата на Јусуф Мукоко, детето на Дортмунд кој во младинските категории имал хет-трик настапи како од шега. 

НА 12 ГОДИНИ ДАВАЛ ГОЛОВИ ЗА У-17, НА 14 ГОДИНИ ДОБИ 10 МИЛИОНИ ЕВРА ДОГОВОР СО НАЈК, А НА 15 ДРЕС ОД МЕСИ СО АВТОГРАМ

Јусуфа Мукоко е роден во Камерун каде до свои 10 години живеел со баба му и дедо му. После се преселил кај татко му Џозеф кој од '90-те имал германско државјанство и живеел во Хамбург.

Малиот Камерунец Јусуфа Мукоко почнал да тренира фудбал во академијата на Сент Паули каде постигнал 21 гол на 12 меча за тимот до 15 години. Тоа ги збунило скаутите и ги импресионирало новинарите кои доаѓале да го гледаат.

Во 2016-та година Борусија Дортмунд решава да го донесе во својата академија каде за тимот У-15 Мукоко дава 33 гола на 15 меча.

Во 2017-та година кога имал само 12 години го префрлиле во тимот со играчи до 17 години. На дебито таму дал два гола и веќе ги привлекол големите светски спортски медиуми. Наскоро постигнал два хет-трика и на еден меч дал 4 гола, па станало јасно дека Борусија Дортмунд има феномен во својата школа.

Мукоко постигнал рекордни 50 гола на 28 меча.

Многумина и посомневале во неговата возраст зошто имало слични примери во минатото. Татко му Џозеф решил да ги прекине сите шпекулации и сомневања: „Веднаш откако се роди Јусуфа јас го регистрирав во конзулатот на Германија во Јунда (главен град на Камерун), имаме извод од книга на родени“.

Официјалните органи исто така го потврдиле ова. „Германскиот фудбалски сојуз веќе разговарал со Борусија Дортмунд на разни нивоа, нема никакви сомневања во возраста на играчот“.

Идол на Мукоко е Лео Меси кој во една прилика му подарил дрес со автограми: