„Доволно направив за својата слава. Сега е редно славата да направи за мене. Мојот добар пријател Боби Чарлтон има личен возач во Манчестер, не знаевте? Па зар јас сум полош од него?“
Валериј Воронин го забавувал друштвото во кафеана во близина на Москва. Во еден воен камп се собрала репрезентацијата на СССР неколку дена пред реванш четвртфиналниот меч од Купот на нации против Унгарија. Тоа било мај 1968-ма, а на Русите им давале мали шанси бидејќи на првиот меч загубиле 2:0.
До нив имало многу храна и уште повеќе пиење составено најмногу од коњак и вотка. Повеќето од репрезентативците биле клупски колеги на Валериј од Торпедо Москва.
„Јадеш црн кавијар, возиш црна волга, единствена во овој дел на светот, а сега сакаш и шофер, веројатно во црно одело“, се пошегувал еден од младите играчи, инаку член на Динамо.
„Ти будала да не си? Само се шегував. На никој не би му дал да ја вози мојата убавица“, рекој Валериј.
Пијанката траела до доцна, а селекторот Јакушин бил бесен. Но СССР по два дена победил 3:0 и се пласирал на завршниот турнир во Италија меѓу четирите најдобри земји. Воронин играл бек и целосно го сопрел Флоријан Алберт кој по неколку месеци ја освоил Златната топка во конкуренција на Чарлтон, Бекенбауер, Еузебио...
„Многу добро го паметам тој натпревар. Имаше 102.000 луѓе на Лужњики. Алберт во тоа време беше член на тимот на светот, а Воронин потполно го неутрализираше. Но не трчаше по него како куче, туку му ја зема секоја топка. Такво нешто до сега не беше видено“, се присетил дефанзивецот на Спартак.
Тој ден СССР славел голема победа и пласман во полуфинале. Валериј Воронин славел онака машки и не ни сонувал дека тоа ќе му биде последен меч за репрезентација.
„Москва е пред сè град на срушени сништа и корумпирани утопии. Место на мистичен и мрачен очај. На 20 години си државен првак, на 25 вицешампион на Европа, на 27 четврти во свет, а на 40 просјак без денар во џеб кој моли за голтка вотка. Фудбалски ас, згоден даса, лепотан, идол, па потоа очаен со сериозно нарушено психичко здравје, изгубен на патот до легендите“, напишала Наталија Смирнова.
Валериј Иванович Воронин бил најдобра „5-ка“ во европскиот фудбал во времето кога бројките биле поважни од рекламите на дресовите. Таа бројка ја носел оној кој играл во среден ред како последен играч за врска. Бил висок, снажен и способен да сруши сè она што ќе го смислат напаѓачите, а истовремено и добар дриблер. Играчите на негова позиција ретко се во прв план, тоа се дискретни херои кои ги сака мајка, татко и тренер и малкумина од нив стануваат ѕвезди.
Воронин бил еден од тие ретки ѕверки, фудбалски господар од сенка кој владеел во 60-те. Целата кариера ја помина во Торпедо од Москва кој имал страшен тим составен од Едуард Стрељцов или “Белиот Пеле“, според многумина најдобриот руски фудбалер на сите времиња, познатиот голгетер Валентин Иванов, потоа Гусаров, Сергејев, Метревели, Шустиков...
Сите овие ги собрал големиот стручњак Константин Бешков. Торпедо бил фабрички клуб, за разлика од режимските ЦСКА и Динамо. За нив навивале од работничката класа. Татко му на Валериј бил моќен човек и шеф на продавници за храна во идиличното село Переделкино кое се наоѓа на 20 км од Москва.
„Имаше 19 години кога од него се бараше да внимава на последната линија и кога може да го задржи Иванов. Го красеше единствена интелигенција, теренот за него беше шаховска табла, а тој беше главна фигура. Крал со можности на кралица. Покриваше три четвртини од теренот и тоа подеднакво успешно. Предвреме ги читаше потезите и сè што правеше беше класа на вонвременска грациозност“, напишал новинарот Леонид Репин.
Торпедо во 1960-та ја освоил првата од двете титули во својата историја. Четвртиот клуб од Москва бил авангарда тие години, а тоа било време кога Советскиот Сојуз влегол во новата постсталинистичка ера.
Воронин бил лидер на шампионот Торпедо, млад, згоден и еден од најпопуларните спортисти. Но тој бил идол за широките народни маси, а за КГБ потенцијален државен непријател и закана за режимот, најмногу поради преголемата и за властите необјаснива популарност.
СССР на Мундијалот во Чиле 1962 заминале со големи амбиции, но биле елиминирани од домаќинот во четвртфинале со 1:2. Претходно во група релативно лесно ги минале Уругвај и Југославија, но по ремито против Колумбија се пореметиле односите во тимот. Лав Јашин ги бранел најлошите 90 минути во кариерата. На полувреме имал навика да тргне по некоја чашка, но тој ден претерал.
На пауза имале водство од 3:1, а мечот завршил 4:4 со големи голмански грешки. Јашин имал 32 години и решил да го батали фудбалот и потоа Воронин кој имал само 23, прв пат во кариерата го покажал својот шефовски и капитенски ген кој ќе го краси низ цела кариера.
Успешните години во фудбалот во Советскиот сојуз допрва следеле. Во Шпанија 1964-та, СССР стигнал до финале на ЕП, тогашен Куп на нации, а за Воронин и другарите повторно бил кобен домаќинот и повторно 1:2. Таа екипа ја водел Бешков.
На СП 1966 освоиле четврто место, а Валериј Воронин станал најпопуларен фудбалер во својата земја, како и еден од ретките советски играчи кој достигнал меѓународна слава. Се оженил со позната балерина со која имал две деца.
Тој бил најдобар кога било најважно. На Мундијалот во Англија биле убедливи во групата со три од три, а во четвртфинале ја совладале Унгарија. Потоа следела големата битка против Германците која ја решил Бекенбауер. Натпреварот за трето место против Португалија бил спектакл за гледање, бидејќи Валериј го чувал Еузебио.
Тоа Светско првенство било прво кое се гледало на ТВ во пола свет, а камерманот со посебно внимание го следел 90 минутното надигрување меѓу Еузебио и Воронин. Немало потреба од статистика за да се докаже дека овие двајца играчи го подигнале нивото на мечот. Се зборува дека војувале 90 минути без ниту еден фаул.
Третото место го освоиле Португалците со 2:1, а по голот на Еузебио од пенал, мечот го решил неговиот клупски колега од Бенфика, убиствениот Торес. По два дена Англија го подигнала златниот пехар откако ја совладале Германија со 4:2. Кралицата Елизабета Втора на Валериј Воронин му дала сребрен кинески сет за најелегантниот играч.
Својата слава знаел одлично да ја користи. Иако бил фамилијарен човек, во Москва важел за најпожелен маж. На почеток бил дискретен, а потоа не се криел ниту од жена му. Агентите кои ги прателе, посебно се иритирале кога ќе го видат во друштво на Боби Чарлтон.
Кога патувал во Европа, често сакал да се види со Џорџ Бест, а на пијалок го има однесено и Пеле. На СП 1964 во Шпанија, во четири очи разговарал со Сантијаго Бернабеу. Сето тоа било евидентирано во документите на тајните служби. Бил и на веселење во Белград, во кафеаната Смедерево заедно со Јашин, а се споменуваат и имињата на Хрушчов и Тито.
Валериј на крајот од 60-те зборувал неколку јазици, слушал некоја чудна музика и бил познат по своите либерални ставови. На лет одел со флаша вотка и шампањ, а до Сочи летал без карта. Тоа не го правел ниту шефот на државата.
Го толерирале сите, но пред квалификациите за ЕП 1968, националниот тим го презел Јакушин од Динамо кој бил полицаец. Ја елиминирале Унгарија, која тогаш била силна, а Валериј опиен од слаткиот живот не осетил што се случува меѓу него.
Јакушин го повикал на Европското, но не му дал да игра, а потоа бил понижен и исфрлен од репрезентација. Тоа лето 68-ма животот на првата фудбалска ѕвезда на СССР целосно се распаднал. Со Јакушин немало кавги, бесот го истурил со својата црна волга која ја возел брзо. На 114 км пред Москва заспал на волан и се разбудил во болница.
„Кога дојдов првиот пат да го посетам, не можев да го препознаат, беше завиткан како мумија и дишеше преку цевка. Сè на него беше искршено. Во втората моја посета беше без завој, а лицето му го склопуваа. Кога проговори, ги праша докторите кога ќе може да се врати на терен. Беа скептични, а него мислам дека сè му беше јасно“, раскажува неговиот соиграч Виктор Шустиков.
Валериј доживеал сериозни психички оштетувања откако се погледан во огледало, а тоа што не можел да му се врати на фудбалот само му ја влошило состојбата. Го прашал својот тренер Јуриј Степаненко зошто Нилс Лидом лажел кога рекол дека фудбалот е како возење точак, еднаш кога ќе научиш, нема да заборавиш. Од очите му течеле солзи како молња, матни како ладна вотка. Степаненко не знаел што да му одговори.
Валера како што го викале пријателите, живеел уште 16 години по несреќата. Во тоа време во СССР, фудбалерите по завршувањето на кариерата добивале работа во државните служби и додека неговите соиграчи се снашле, тој трчал по клиники и потоа заглавувал по шанкови.
Последните години најмногу се дружел со Владимир Висоцки. Тој умрел во 1980-та на 42 години, а Воронин живеел уште 4 години до 19 мај 1984-та. Степаненко со сретнал со својот поранешен ученик пред стадионот Лужњики каде бил во друштво на тројца сомнителни типови. Го прашал дали ги познава и дали е се во ред, Валериј дискретно се насмеал после многу години и климнал со главата, а тоа било неговиот последен осмех.
Наредниот ден неговото тело било пронајдено во локви крв во грмушка покрај автопат на излез од Москва. Убиството никогаш не било разрешено, а луѓето само нагаѓале.