Волкот влакното го менува, ама....

Дербито во Ц групата меѓу Италија и Хрватска заврши без победник. Италијанците одиграа скоро перфектни први 45 минути, одамна не сме виделе толку офанзивен италијански состав на големите натпревари и како резултат на играта беше водството од 1:0 и неколку идеални шанси за гол, кои останаа неискористени.

Прандели во второто полувреме се реши да се повлече, да им даде повеќе простор за игра на противниците, а Хрватите тоа го искористија, успеаа да постигнат гол и на крајот беа во позиција дури и да победат. Очигледно дека некои работи тешко се менуваат и Аѕурите не одиграа офанзивно во сите 90 минути и по водството реши малку повеќе да размислуваат на одбраната.

"Првото полувреме беше едно од најдобрите во историјата на репрезентацијата на Италија. Одбраната функционираше перфектно, а средниот ред фантастичен. Игравме офанзивно и противникот немаше никаква шанса да се спротивстави. Вршевме константен притисок кон голот на Хрватска и не ми се верува како не успеавме да постигнеме повеќе погодоци", изјави поранешниот селектор на Аѕурите, Ариго Саки.


Во второто полувреме како да истрча друг тим на теренот. Прандели можеби направи грешка што се повлече, а потоа реши да го извади од игра човекот, кој беше најопасен по голот на Хрватите, Марио Балотели.
Хрватите имаат одличен тим и шансата што им ја даде противникот, максимално ја искористија. Особено беа опасни во последните 15 минути односно по израмнувачкиот гол на Марио Манџукиќ.

"Почнавме лошо, Италијанците вршеа силен притисок на сите наши линии, а ние тешко париравме. Сепак приказната се смени во второто полувреме и тоа ни донесе поволен резултат. Добро е што успеавме да освоиме бод, но сега не чека најголемото искушение, Шпанија и тука треба да ја докажеме нашата вредност", рече стрелецот на единствениот гол за Хрватска, Манџукиќ.

Дуелот против Шпанија се игра в понеделник и почнува во 20 часот и 45 минути. Во истиот термин на програмата е и дуелот во кој Италија е голем фаворит против селекцијата на Северна Ирска, која по поразот од Шпанија веќе нема никакви шанси за пласман во следниот круг.

14 јуни 2012 - 23:39