Во сред војна, тетоважа од Марадона и слика со Меси им спасила живот

Аргентински новинар Гиљермо Паниза кој работи за неколку јужно-американски сајтови и негови колеги од Чиле се нашле во ситуација опасна по живот среде украинскиот воен виор. Малку фалело работите да тргнат во погрешна насока.

За аргентинскиот портал Pasta de campeon, Чилеанецот Даниел Матамала, новинар од Chilevisión и Аргентинецот Паниза рекле дека имале голема среќа со тетоважа од Диего Марадона.

Во еден момент од своето теренско известување се нашле во обрач на украински војници кои во текот на целиот конфликт немаа милост за шпионажа и епизоди на предавство (убија украински член на преговарачкиот тим од првата рунда преговори наводно зошто се договорал со Русите).

„Денес на еден од контролните пунктови на патиштата, полицијата ни одзема опрема, документи, камери, телефони и не спроведе во полициска станица. Првите испрашувања беа напнати, сепак земјата е во војна и се сомнева на шпиони или диверзанти“, ја раскажал стресната епизода Чилеанецот преку Инстаграм видео.

„Додека еден од полицајците не ги виде пасошите, мојот и на аргентинскиот колега, разменија многу зборови на украински, а разбравме само два збора од нив: Меси и Марадона. И тука наеднаш сè се смени. Нашиот сјаен снимател Хуан Замудио веднаш се соблече да покаже дека има тетоважа од Диего Марадона на листот од ногата“.

Од друга страна, аргентинскиот новинар Гиљермо Паница во својот мобилен телефон им покажувал фотографија на Инстаграм со Лионел Меси сликана во 2007 година на Копа Америка. Меси бил многу почитуван и од украинските полицајци.

„Лео е толку голем играч што ни помогна да се извлечеме од полициска станица сред Украина. Фала ти на оваа фотографија и фала ти што си Аргентинец“, му порачал Паниза на најголемиот играч на сите времиња според многумина.

8 март 2022 - 10:05