Во моментов карта за финале на Светско првенство се движи околу 2 милиони долари

Реномираниот британски Скај Њуз денес пишува дека на официјалната страница на ФИФА за препродажба и размена на влезници, за натпреварот во финалето предвиден за 19-ти јули во Њу Џерси, четири карти се продавале по вртоглави суми.

Ако на почетокот на продажбата на влезници за Светско првенство 2026 во САД, Мексико и Канада јавноста се надеваше дека прескапите карти постепено ќе поевтинуваат, досега нема никаква назнака за такво нешто.

Поединечна карта од приватни лица за финалето се продава по цена од 2.299.998,85 долари (1,7 милиони фунти).

Четири такви карти биле објавени и сите се над 2 милиони долари, па доколку некој се реши да ги купи сите 4 за финалето на „МетЛајф“ стадионот во Њу Џерси ќе треба да плати 9,2 милиони долари!? Односно 6,8 милиони фунти!

Некои од влезниците за финалето со седишта зад головите се на продажба по 16.098 долари односно 11.953 фунти.

ФИФА не ги контрола цените на страницата за препродажба на карти, а зема 15% од сумата и од продавачот и од купувачот што значи дека во теорија заработува околу 600.000 долари од еден таканаречен прозор во кои се продаваат и купуваат карти.

Организаторите веќе беа на удар на критики за историски најскапи карти за едно Светско првенство. Мундијалот почнува на 11-ти јуни и ќе се игра во Канада, Мексико и САД.

Проблемот е во тоа што картите за сите претходни Светски првенства имаа ограничени цени при продажбата.

Како одговор на критиките, ФИФА во декември претстави мал број (читај смешен број) поевтини карти по 60 долари.

Повеќе од 5 милиони влезници веќе се продадени за овогодишното Светско првенство а последната, крајна етапа за продажба на карти беше пуштена во етер неделава.

Гласноговорик на ФИФА вели: „ФИФА воспостави продажба на карти и секундарен модел на пазар се рефлектира на стандардниот пазар за карти за најголемите настани ширум земјите домаќини.

Олеснувањето при препродажбата е во склад со индустриски стандарди на северноамерикански спортски и сектори за забава“.

24 април 2026 - 11:26