Во Ајакс тврдат дека не можат да ја преболат измамата на Јувентус во финалето ’96

За сомнежите на луѓето од управата и фудбалерите на Ајакс дека играчите на Јувентус биле намерно допингувани за финалето од Лига на шампиони 1996-та на „Олимпико“ во Рим, јавноста не знае баш многу. Италијанците жустро негираат каква било вина и бурно реагираат.

Кога Ајакс на ждрепката за четвртфинале на ЛШ го доби Јувентус, битка која почнува во среда вечер, на Давид Енд на памет му паднала една помисла: одмазда.

Давид Енд бил медиумски директор и генерален менаџер на Ајакс за време на нивните најславни денови во 1990-те години кога ја освоија Лигата на шампионите во 1995-та но изгубија во следната ’96-та од Јувентус.

И покрај тоа што поминаа 23 години, Давид Енд во разговор за Independent вели дека тој лично уште чувствува горчеливост и болка од тоа како Ајакс бил „измамен“ за втора титула по ред во ЛШ.

Поради наводен допинг на играчите на Јувентус, кој торинскиот клуб секогаш жустро го демантираше.

Тимот предвиден од Луј ван Гал можеше да стане првиот во историјата на Лигата на шампионите кој го одбранил пехарот. Подвигот ќе беше уште поголем ако се знае дека Ајакс беше можеби последната екипа со свои деца во тимот пред Босман правилото да стапи на сила.

На „Олимпико“ во Рим, „копјаниците“ налетаа на противник кој ги изненадил со неверојатна снага и енергија. Јувентус поведе рано во финалето, Ајакс израмни но на крајот бјанконерите на пенали го освоија драгоцениот пехар. Од тогаш досега Ајакс ниту еднаш не стигна до финалето, а имаше и неколку сезони без пласман во групна фаза од ЛШ.

*****

Сомнежите околу тоа како играчите на Јувентус биле толку многу експлозивни и нереално снажни се јавиле додека Италијанците уште славеле. Марк Овермарс, денес спортски директор на Ајакс, го пропушти финалето во 1996-та поради повреда но седел близу клупата. Веднаш после мечот му пришол на Роналд Де Бур:

„Марк Овермарс ми кажа набрзина дека чувствува како нешто не е во ред. Гледал противник кој не изгледал нормално во неговите очи. Како да сфатил нешто“, вели легендарниот Де Бур за Independent.

Џорџ Финиди, член на славната генерација на Ајакс, во една документарка во 2013-та година рекол дека бил изненаден од интензитетот на играчите на Јувентус на теренот.

„Во нормални околности играч така може да трча 20 минути. Кога гризеш 90, 120 минути и тоа на крај од сезона, не е баш нормално“, рекол Финиди.

Но повеќето други играчи на Ајакс не наоѓале изговор за поразот во некоја теорија на заговор. Се до неодамна кога се открија нови сознанија околу допинг програмата на Јувентус. Децата на Ајакс биле многу невини и наивни да поверуваат во такво нешто.

„Не чуствував ништо посебно, знаете зошто? Затоа што секогаш бев убеден дека никој никогаш не би посегнал за такво нешто. Тотално не бев свесен. И ако некој трча побрзо, едноставно трча побрзо од тебе. Ние имавме долга сезона зад нас“, искрено вели Роналд Де Бур.

Енд, тогашниот директор во Ајакс вели дека невиноста е дел од нивниот национален карактер: „Холандскиот фудбал е наивен. Да беше спротивно, Италијанците ќе тврдеа дека ние сме биле спремани. Тие веруваат во сложени теории, дека е нормално да бидеш така спреман. Во Холандија луѓето не размислуваат така“.

Една година подоцна, двата тима се сретнаа пак, овојпат во полуфинале од Лига на шампиони. Јувентус победи 1-2 во Амстердам и после 4-1 во Торино. Подоцна изгубија од Борусија Дортмунд во легендарното финале.

Но тогаш немало никакви докази за евентуален допинг: „Не знаевме ништо за допинг, така што немаше никакви обвиненија против Јувентус. Немаше ни збор за тоа“, додава Енд.

Во 2004 година италијанското обвинителство покренало истрага за трофејот во ЛШ на Јувентус во 1996-та. Клупскиот доктор во тоа време кога станаа европски прваци, Рикардо Агрикола добил условна затворска казна поради тоа што се докажало дека им давал Еритропротеин на играчите, но после една година бил ослободен од секаква вина.

Антонио Џираудо, извршниот директор на Јуве од тоа време подоцна беше доживотно суспендиран од фудбалот поради големата афера Калчополи.

Сомнежите против Јувентус беа одново отворени во холандската документарка Andere Tijden Sport во 2013 година. Во фокусот на овој документарец бил покачениот хемоглобин во крвта на фудбалерите на Јувентус од февруари до јуни 1996 година. Хематологот Џузепе Д’Онорфио, кој бил повикан како ескперт на судењата на Агрикола и Џираудо рекол:

„Различноста која што ја видов во податоците не може да се смета за нормална“.

Тој рекол и дека нивото на хемоглобин во црвените крвни зрнца може да биле резултат само на трансфузија на крв или користење на ЕПО, синтетички хормон кој помага за побрз транспорт на кислород во мускулите со што се овозможува поголем физички напор.

Овој доказ првпат излегол во јавноста на судењето на челниците на Јуве од тоа време. Процесот почнал во 1998 година кога Зденек Земан, тогаш тренер на Рома, рекол дека фудбалот мора да излезе од фарамцијата и го обвинил Јувентус за превари.

На суд, Д’Онорфио сведочел дека било „практично сигурно“ дека двајца играчи на Јувентус во средината на ’90-те години земале ЕПО и „дека е можно“ и седуммина други да го сториле тоа.

Агрикола бил прогласен за виновен дека ги допингувал играчите и го осудиле на 22 месеци затвор. Џираудо бил ослободен после што рекол дека е екстремно среќен од епилогот.

Но во декември 2005-та, Агрикола бил ослободен од сите обвиненија за спортска измама од Апелациониот суд во Торино кој рекол дека употреба на ЕПО не била докажана. Така не мислат и во Ајакс.

Кога Давид Енд дознал за овие процеси, судења и истраги, тој буквално помодрел од неверица што го снашло Ајакс. Вели дека нема никаков сомнеж дека биле измамени и спречени по втор пат да го освојат вредниот пехар.

„Чувство на горчина ми се јави неколку години подоцна. Кога откривме зошто, се почуствувавме многу многу лошо што сме биле измамени. Боли и тоа е рана која уште не е залечена“.

****

Енд вели дека е уште пофрустриран што Ајакс официјално не протестирал многу повеќе во случајот против Јувентус на суд, затоа што според него Ајакс е морален европски шампион во таа 1996-та.

Од друга страна, Роналд Де Бур смета многу поинаки:

„Тоа е завршено, изгубивме. Немам чувство сега како „сега сум повеќе од шампион затоа што ми украле нешто“. Не. Го немам тоа чувство. Имам чувство дека не бевме доволно добри. Ако бевме на нивото, можевме да го добиеме Јувентус таа вечер. А не бевме. Но секако дека боли помислата дека имале во крвта нешто што не е нормално“.

„Претпоставувам дека играчите на Јувентус не ни биле свесни што ги снашло. Тие веројатно им рекле на фудбалерите “земете о ова зошто е добро за опоравок, итн. итн. Искрено не верувам дека играчите знаеле за тоа. Ова е некое мое мислење“.

Independent, со право, бара да се слушне и другата страна, па контактира со некои членови на тимот на Јувентус од 1996-та.

„Слушнав некои такви тврдења од ’фамозниот’ Давид Енд и можам само да кажам дека треба да се срами од себе. Срами се! Ако ништо друго, се надевам дека овие тврдења ќе бидат уште поголема мотивација за нашите играчи до го елиминираат Ајакс“, рекол Алесио Такинарди.

Прашината која се крена околу евентуалниот допинг на играчите на Јувентус ги подгреа и прашањата околу тоа дали треба да им се одземе титулата Лига на шампиони како што им се одземаа две титули во Серија А по аферата Калчополи со местење судии и договарање резултати.

Од Ајакс велат дека не би сакале да добијат таков пехар затоа што тоа би било губење на честа и витештвото. На крајот од краиштата, толку време поминало што многу играчи од актуелниот состав на Ајакс тогаш не биле ниту родени.

„Да им беше спортски директор Моџи (Лучано) Ајакс немаше да има никакви шанси. Но сега имаме шанса зошто го нема Моџи“, завршува Енд.

Via