Видиќ кај Рио во подкаст: „Кога ми се јавија од Ливерпул, жена ми зборуваше по телефон“

Многумина оправдано сметаат дека Немања Видиќ и Рио Фердинанд го сочинуваа најдобриот и најснажниот стоперски тандем во историјата на фудбалот. Двајцата беа како карпи во одбраната на легендарниот Манчестер Јунајтед каде Србинот дојде од Спартак Москва и имаше многу тежок почеток.

Немања Видиќ, во гостување во подкастот Вајб вит Фајв (VIBE with FIVE) кој го води неговиот долгогодишен соиграч и добар другар Рио Фердинанд, раскажа неколку интересни анегдоти околу неговата кариера.

Некогашните капитени на Манчестер Јунајтед како и на репрезентациите на Англија и Србија имаа ептен занимлив муабет во студио.

Главна тема број 1 секако им беше Манчестер Јунајтед.

„Првиот контакт со Јунајтед беше воспоставен во декември 2005-та година. Но во тоа време и Ливерпул беше во приказната. Разговарав со Рафа Бенитез, тој прв ме повика додека бев во Спартак Москва. А мојот англиски не беше добар, па жена ми Ана разговараше со него. Ме праша дали би дошол во Англија и така некои работи, се сјајно.

Но после не ми се јави две или три недели. И тогаш влета Ферги“, му раскажува Видиќ на Рио како дошло до трансфер во Јунајтед.

А големиот Сер Алекс Фергусон знаел како понатаму.

„Ми се јави и ми рече: Те гледав последните шест месеци или година дена. Ми се допаѓа како играш. Мислам дека би бил добар за нашиот клуб. Сакаш ли да дојдеш? Секако, му одговорив, а тој само додаде - добро, се ќе биде средено. За недела дена бев во Манчестер“.

Немања Видиќ низ смеење раскажа и како дури во авион сфатил дека Манчестер Јунајтед нема да му дава повеќе пари од што земал во Спартак Москва но на крајот излезе дека ова е најдобра негова одлука во кариерата.

Но познато е дека секој фудбалер кој доаѓа од страна, а особено од источна Европа или латинска Америка, има многу тежок почеток во Премиер лига и тешко се навикнува на тамошниот фудбал. Исто беше и со Видиќ кој на почеток додека се снајде, правеше многу киксови и грешки.

„Дојдов од Русија (во јануари), а во декември таму е слободен месец, нема тренинзи, нема натпревари, зошто е премногу студено. Му реков на шефот (Фергусон) и на Карлош Кеирош (помошникот на Ферги) дека ми требаат припреми, зошто не бев спремен и не можев да играм.

Се сеќавам на првиот тренинг, играм против Гигс, Кристијано Роналдо, Саха, Руни... Вау! Сериозно. Тоа беше ноќен кошмар. Цел тренинг ги шутирав, па не зошто сакав туку зошто не можев да ги стигнам. Пребрзи беа!“, се смее Видиќ додека му раскажува на Рио Фердинанд иако тогаш не му било смешно.

Двајцата беа стабилни, снажни стопери но не многу пребрзи, каков што е впрочем секој силен играч на таа позиција.

„Се сеќавам дека после три тренинзи се препирав со Гигс. Почнуваше веќе да биде лут: „Додај ја топката, мораш да играш побрзо!“, а јас се смеев: „Дај, човече, не можам да мрднам“...

Дојдов во исто време со Патрис Евра, првите шест месеци беше навистина многу тешко. Играв натпревар за резервниот тим, Рене Муленстин ни беше тогаш тренер и не извади на полувреме. А Патрис уште и играше финале на Лига на шампиони со Монако пред тоа. Јас дојдов од Спартак, никој уште не знаеше кој сум“.

На тие сјајни денови за силниот Манчестер Јунајтед се сеќава и Рио Фердинанд:

„Ги гледаме Ваза (Вејн Руни) и јас на тренинг и баш си викавме: „Вау, пред дечкиве има баш долг пат“. Но тогаш не размислував на тоа, дека си дошол без припреми, а веднаш излегуваш на Луи Саха, веројатно најтврдиот играч на тренинзи, па Роналдо, Руни, Гигс, кој во тоа време леташе. Се виде дека се мачите“.

Но стариот искусен волк Алекс Фергусон ги истрпил и од нив направи најдобри одбрабени фудбалери на свет подоцна.

„Знаеш да играш фудбал, но интензитетот... Едноставно мораш да работиш побрзо. Тренинзите беа премногу тврди, играчите пребрзи. Тие момци се натпреваруваа на секој тренинг, зошто никој не можеше да ти гарантира дека и следна сезона ќе бидаш тука“, продолжува Видиќ и додава:

„Шефот наметна таков систем уште од прв ден. Тренирај како да ти е последен ден во животот. А кога играш против такви играчи - тешко е. Се сеќавам и на Сколси, секој ден доаѓаше последен на тренинг, но секој ден кога ќе се појави, тоа беше друга димензија“.

 

На прашањето што му помогнало да сфати каде дошол, Србинот вели:

„Првите две недели се обидував да сфатам што другите луѓе работат, ги бркав по ходници. Ќе заврши тренинг, Гигс вежба јога, Рио во теретана, Кристијано Роналдо прави „бицикли“ околу теренот, Руни вежба завршница. Се гледам себеси, гледам на што ми личи телото... Нозете ми беа јаки, но имав перничиња околу струкот. Веднаш сфаќаш што е менталитетот на овој клуб, организацијата на овој клуб. И го следиш или веќе не си тука“.

Со текот на времето, Немања почнал да се адаптира на начинот на работа, на играта во најсилната лига на светот, на животот во друга земја. И самиот Рио Фердинанд многу придонел за големиот успех на Видиќ во Манчестер Јунајтед.

„Посебно првпат кога ме изнесе во град. Баш лоша атмосфера. И јас прашав: „Сериозно?“ Ова е најдобриот клуб во градот? Добро, тогаш веќе нема да излегувам“, се смее Видиќ и продолжува:

„Не се сеќавам ни како пчна, но знам дека во еден момент почнавме отворено да зборуваме. Јас ќе го прашав: ’Што мислиш за оваа ситуација, а што за оваа?’ И доста бевме искрени... Играчки се надополнувавме еден со друг. Рио сакаше секогаш да биде на топка, беше многу брз, но за мене како дефанзивец ми беше најважно што покрај себе имам некој кому му верувам. Што год да се случи знаеш дека тој е тука... Осум години заедно војувавме. Вида без Рио немаше да биде тоа што е сега“.

Се приклучува и Фердинанд:

„Најмногу сакав како ја напаѓаше топката. Не го гледаше противникот, само топка. А и со топка во нозе беше многу подобар отколку што сите мислеа. И секогаш мирен под притисок. Уживав во тоа. Не сакам емотивни луѓе покрај мене на терен. А Немања беше мирен“, вели Рио.

Нема шанса разговор меѓу нив двајца за Јунајтед да мине без големиот Фергусон.

„Она што тој го направи не го стори ниеден друг тренер. Развиваше играчи и се бореше за титули. Кога ќе го погледнете денешниот фудбал, немате такви тренери. Единствен покрај Ферги што го правеше тоа е само уште Арсен Венгер. И тоа за само неколку години. Не толку долго како Алекс зошто се мачеше последните сезони (Венгер). Но голема почит и за Венгер кој создаде толку многу играчи и остави нешто зад себе. Не беше тренер кој само купува. Исто како и Фергусон кој го донел таму некојси Немања Видиќ од Спартак Москва за 7 милиони фунти. Па после Патрис Евра, Џи Сунг Парк... Претходно Гигс, Сколс, Роналдо, Нани... Тој не ги носеше тие играчи за веднаш да му донесат титули туку создаваше нови генерации фудбалеир. Па дури и Руни. Дојде од Евертон за големи пари да, но беше дете од 18 години од Евертон. И тој да ти донесе тогаш трофеи? Кој тренер денес би го сторил тоа? Алекс Фергусон создаваше играчи и паралелно освојуваше трофеи“.

Рио го наврати Видиќ и на легендарното култно финале во Москва меѓу Челси и Манчестер Јунајтед кое го добија „црвените“ откако Џон Тери промаши пенал. Малку фалело Немања да не го игра тоа финале.

„Поинакви нешта се финалињата. Тоа е еден меч и поинаку е. Размислуваш дека е тоа можеби натпревар кој го играш еднаш во живот. Пред финалето на Лужники не тренирав две или три недели зошто имав дискус хернија, ме болеше грбот и ми се воспали нерв на листот од ногата. Само еден тренинг одработев. Го почнав тој тренинг пред мечот кога Фергусон ми пријде и ме праша: „Како се чувствуваш?“ Почнав да се кревам и да вртам со глава а тој ми рече: „Почнуваш утре!“. И си отиде!

И после доаѓаш на стадионот на кој година ипол претходно си играл за Спартак Москва а сега тука играш финале на Лига на шампиони со Манчестер Јунајтед. Ги триев очите во неверување...

Кога ќе погледнеш од оваа перспектива, веројатно најважен меч во кариерата. Но мене лично подрага ми е првата титула во Премиер лига. Не знам зошто, но веројатно поради сомнежите кои ги мав во себе и дали ќе успеам во Манчестер. Одиграв голема улога во тој успех и бев воодушевен. Тогаш ми се смени кариерата и луѓето почнаа да ме сметаат за топ играч“.

Зошто те удираше Дрогба еднаш?

„Имаше некоја расправија на нивната половина и претрчав 30 метри да се вмешам. Тој беше таму ама не знам зошто ме удри“.

Немања Видиќ неодамна беше сведок на балканските мешетарски игри во кои нема чувство ниту за гигантска легенда како него. Икона на српскиот фудбал. Се кандидираше за претсдател на Српскиот фудбалски сојуз, но набрзо го изиграа разни мешетари свесни за огромниот буџет кој го добиваат фудбалските федерации од УЕФА.

Рио Фердинанд го интересирало од каде Видиќ да се вклучи во трка за претседател на Фудбалската федерација на Србија?

„Тоа беше моја страст... Ме прашуваа луѓе зошто не се вклучиш, зошто не помогнеш? Имаш контакти, имаш знаење... И размислував и се кандидирав. Се на се, добро искуство. Се беше добро до последниот дел, кога се одлучив дека не е момент за мене. Јавноста 90 одсто беше за мене, но луѓето од сојузот, оние кои го водат српскиот фудбал се плашат од промени. Еве и Бербатов се бори за власт во Бугарија веќе година ипол дена, но Балканот е тежок.

Тие стари генерации не сакаат да предадат власт, а не можат да сфатат дека светот се менува, дека напредува. Ние не се мрдаме. Со сета оваа дигитализација, светот веќе не е исткако пред пет години. Мораш да се образуваш, мораш да одиш напред, а они не го разбираат тоа. Затоа мислам дека не влечеме максимум од српскиот фудбал. Сакав да помогнам. Во иднина којзнае што ќе се случи. Ќе бидам тука да го помогнам српскиот фудбал. Можеби не во оваа форма, но некако секако. Дефинитивно сме талентирани и мораме да им помогнеме на тие деца да пораснат“.

Via

25 април 2023 - 10:34