Видела Америка Канада се потковува, па и таа кренала нога

Откако Канаѓаните, покрај одличната игра со која се на добар пат да одат на прво Светско првенство после 1986-та, смислија рецепт да ги носат ривалите во градови каде поради минусни температури мачки и глувци спијат заедно, сега истото тоа го направија и Американците.

Во 11 коло од квалификациите за Светско првенство 2022 САД го пречекаа последнопласираниот Хондурас кој нема ниту една победа (0-3-8, гол разлика 5:22) и е убедливо последен на табела, па нема ни мотив за привршување на квалификациите.

И како на Американците да не им беше доста што се апсолутен фаворит против Хондурас кој веќе се предаде во квалификациите, па уште и стратешки го однеле ривалот од тропска земја во замрзнатиот град Сент Пол во Минесота. Немаа баш потреба од тоа, ама ете и они да тргнат по стапките на Канада која ги мрцвареше ривалите по студените Едмонтон и Онтарио.

САД го победи Хондурас со 3-0 со головите на фудбалерот на Јувентус Вестон МеКени, Валтер Цимерман и Кристијан Пулишиќ од Челси.

Температурата пред судиската свирка за почеток на мечот на стадионот „Алијанц Филд“ се движела од -16 до -20 степени Целзиусови а ветерот бил многу силен така што играчите и резервните фудбалери со тренерите се смрзнувале.

Од ова изживување на фудбалската федерација на САД трпеле сите учесници. Најмногу настрадал голманот на Хондурас Луис Буба Лопез на кого на полувреме му била дијагностицирана хипотермија, односно смрзнување на прстите и рацете од висок степен.

Селекторот на Хондурас на полувреме морал да ги извади од игра голманот Луис Буба Лопез, играчот од среден ред Диего Родригез и центарфорот Ромел Квиото поради смрзнување, па наместо нив влегле резервни фудбалери.

„Нема да го анализирам мојот тим, мечот или настапот на моите играчи. Не е возможно тоа и јас не сум во состојба за такво нешто под овие околности. Во соблекувална моите играчи примаат инфузии и разни течности зошто се во болка“, изјавил селекторот на Хондуас Ернан Дарио Гомез.

Од фудбалската федерација на САД пред мечот рекоа дека го закажале за Минесота со цел екипата да остане аклиматизирана по враќањето од Онтарио минатата недела каде изгубија 2:0 од Канада исто на дебел минус.

На стадионот имало 19.202 гледачи, речиси максимално исполнет капацитет. Натпреварот и официјално е прогласен за еден од најстудените во историјата на САД, но не и најстуден. Тој примат го држи меч од НФЛ лигата за американски фудбал од 1967 меѓу Пакерс и Каубојс кога биле измерени -25 степени Целзиусови.

Мечот синоќа дури и го прекршил правилникот на USSF (United States Soccer Federation) за безбедно одигрување на отворено.

„Смрзнувачка беше на терен. Одам побрзо накај соблекувална“, кратко им рекол на новинарите лидерот на САД Кристијан Пулишиќ.

Играчите на двата тима играле со термални ракавици и капи, а фудбалската конфедерација на овој континет им дозволила да носат и балаклави (фантомки преку цело лице).

Но повеќето од играчите имаа гола кожа на колената и скокаа по тревникот да се загреат на новиот стадион изграден во 2019-та чиј терен е поддржан со силен систем на греење.

Играчите на САД од клубот кој игра на тој стадион, Минесота Викингс добиле додатна опрема за затоплување, волнени појаси за половина и врат, а навивачите добиле грејачи за раце но и покрај тоа се потпирале повеќе на повеќе слоеви облека и ќебиња со цел да се одбранат од студеното време.

Селекторот на САД, 48-годишниот Грег Брегхалтер во одбрана на одлуклата да се игра во замрзнатиот град изјавил дека „и неговите играчи трпат големи горештини некогаш како на пример лани летото во Хондурас каде играле на +40 степени Целзиусови и дека фудбалот е такво натпреварување“. 

Навивач на САД на Интернет напиша дека пивото му замрзнало само 5 минути по стартот на мечот во Минесота:

Хондурас има три настапи на Мундијалите, во 1982, 2010 и 2014 без ниту една победа на Светските првенства. Во моментов, на три кола пред крајот на табелата прва е Канада со 7 победи и 4 нерешени, со 25 бода. Втори се САД со 21 бод (6-3-2). Мексико е трет исто со 21 бод. Првите три селекции одат директно на Светско 2022 во Катар, а четвртиот ќе игра во интерконтиненталниот бараж.

Во моментов четврта е Панама со 17 бода пред Костарика која има 16.

До крајот САД играат дерби со Мексико на гости, со Панама дома и со Костарика на гости, Мексико освен со САД дома на 24 март, го чекаат уште и Хондурас на гости и Салвадор дома, а Канаѓаните против Костарика на гости, Јамајка дома и Панама на гости.

3 февруари 2022 - 10:15