Дино Фава Пасаро е херојот на неделата во италијанскиот фудбал кој може да напише книга за него. Игра веќе 23 години во сите можни рангови почнувајќи од петта до прва лига и не се предава иако е влезен во петтата деценија од животот.
Четири кола пред завршување на сезоната тој го крена на нозе малото место кај Неапол, Торе Анунциата (каде е роден Чиро Имобиле) и го однесе клубот Савоја од петтата во четвртата лига Серија Д.
На 41 година успеа да постигне 19 голови (8 во првенство и 11 во куп), а Савоја со негова помош сезонава оствари: 71 бод на 26 меча, 14 бода пред второпласираниот, 73 постигнати голови (најдобар напад во лигата), 14 примени голови (најдобра одбрана) и серија од 13 победи во низа.
Но она по што ќе остане посебен е гестот со кој ги возбуди и ги освои срцата на сите поддржувачи на тимот. По крајот на средбата на која славеа 2:0 за математички прво место, Дино се измеша меѓу навивачите и го вееше големото знаме.
Тоа било ветување до навивачот чиј син починал пред 5 години од леукемија. Тој секое коло бил на истото место со истото знаме во раце, буквално на секој меч на Савоја.
„Му ветив на навивачот дека ако го освоиме првенството ќе се качам на трибина и ќе го вејам знамето на син му. Среќен сум што успеав да го исполнам ветувањето и што им донесов среќа на целиот тим и пред се на таткото и навивачите“, рече Пасаро.
Истиот Дино Пасаро беше дел од големата сцена наречена Серија А каде дебитираше со 12 гола за тимот на Удинезе во 2003-та. Кога во единствената сезона за Болоња во втора лига настапи на 28 средби, не можеше цела сезона да го пронајде голот, се до две кола до крај кога со два решавачки погодоци го однесе клубот во елитата.
Истиот човек кој сезонава израдува петтолигаш и уште е мотивиран да игра фудбал во аматерска категорија, дебитираше за Удинезе во Куп на УЕФА со гол на гости против Австрија Салзбург, а даде и два гола на Сан Сиро и на тоа мечеви на кои капитулираа Интер и Милан.
„Во летото 2003-та Удинезе ме купи од Триестина како замена за Муци, а ја се најдов катапултиран во многу силен тим предводен од Лучано Спалети. Во тоа време Серија А беше многу покомпетитивна со топ играчи и светски дефанзивци како Неста, Стам, Кордоба, Монтеро, Канаваро, Малдини кои беа дел од најславните. Во напад играа Фиго, Баџо, Шевченко, Роналдо, Кака, Ибрахимовиќ друштво меѓу кое беше привилегија да се игра. Двата гола против Интер и Милан и победите на Удинезе, сега по 15 години ме прават уште по горд“.
На 41 година Дино вака го доживува фудбалот:
„Секоја година со доаѓањето на пролетта се прашувам што правам со мојот живот. Размислувам за можноста да отворам школа и да посетам курс за тренери, но тогаш сфаќам дека не сум подготвен да го напуштам фудбалот. Реалноста е дека сè уште уживам на терен и кога ја имам топката меѓу нозе ја чувствувам истата возбуда и истите пријатни чувства кога бев дете. Тренинзите, заморот и болките неизбежни за овие години успевам да ги совладат со големата желба за фудбал“
А вака го славеа пласманот во Серија Д