Вест Хем дава 25.000 фунти за информација која ќе открие крадци на домот на Зума

Лондонскиот премиерлигаш Вест Хем реши јавно да понуди 25.000 фунти награда за информација која што ќе доведе до откривање и приведување на крадците од домот на нивниот фудбалер Курт Зума.

Стоперот и неговото семејство биле во домот кога крадците насилно влегле па Зума од оправдани причини го пропуштил мечот со Кристал Палас следниот ден (во неделата минатиот викенд).

Од Вест Хем соопштиле „дека крадците украле предмети од исклучителна вредност и драгоцености со посебна сентиментална вредност на семејството“. Телеграф пишува и дека од домот биле украдени 100.000 фунти во кеш.

Првиот човек на „чеканите“, претседателот Дејвид Саливен вели: „Прво и најважно, сите мисли на сите од Вест Хем Јунајтед се со Курт и неговото семејство. Да ти провали некој дома е ужасно искуство и се надевам дека оваа награда ќе помогне сторителите да бидат изведени пред правдата и да се заштитат други лица од слични напад“.

Сведок во истрагата за англиски Сан рекол: „Ова бил многу страшен напад и ги истрамутизирал Курт и неговото семејство. Крадците биле агресивни и организирани, куќата ја оставиле цела испревртена. Курт и семејството едвај зборуваат за настанот зошто поминале престрашени. Сите во клубот знаат дека ситуацијата била премногу сериозна зошто тој во спротивно никогаш не би пропуштил натпревар. Семејството сега се плаши да остане во куќата и веќе разговарале за селење. Курт е семеен човек и е во шок. Загрижен е за семејството“.

Курт Зума е капитен на Вест Хем и француски репрезентативец. Тој веќе има две шампионски титули во Премиер лигата, има пехар од Лига на шампиони со Челси и има златен трофеј од Лига Купот. Стоперот дури седум години беше член на Челси пред да се пресели во Вест Хем во 2021-ва година.

Претходно ограбувани беа и домовите на Рахим Стерлинг, Пол Погба, Жоао Кансело и многу други фудбалери.

5 декември 2023 - 11:51