По поразот на стартот на шампионатот, фудбалерот на Тотенхем не очекува дека Ван Марвијк ќе се премисли и веќе на следниот натпревар со Германија, тој да се најде меѓу стартерите.
"Шансите се многу мали, селекторот има своја концепција, а јас очигледно не се вклопувам во неа. Не верувам дека нешто може да се измени преку ноќ бидејќи во минатото се покажуваше дека за било каква промена мора да помине подолг временски период. Убаво е да си првата постава, но сосема поинакво е чувството кога се загревате крај аут линијата", изјави Ван дер Варт.
Фудбалерот од средниот ред во текот на подготвителниот период на три пријателски натпревари само еднаш беше меѓу стартерите и тоа на натпреварот со Бугарија, но и тогаш не ги одигра сите 90 минути. На останатите два влегуваше во текот на второто полувреме, а во мечот со Данска, Ван дер Варт доби шанса само во последните 19 минути.
"Искрено, воопшто не ми е лесно и многу сум разочаран. Сепак јас сум дел од еден голем тим и затоа ќе бидам трпелив, можеби наскоро ќе ја добијам вистинската шанса. Не сум од оние луѓе кои постојано ќе го креваат својот глас и ќе ја растураат атмосферата во екипата ќе бидам трпелив и ќе ја чекам шансата", заврши Ван дер Варт.
Дваесет и девет годишниот Холанѓанец, сезонава во дресот на Тотенхем одигра 33 натпревари од кои на 28 беше меѓу стартерите и успеа да постигне 11 гола. Ван дер Варт беше еден од најдобрите во својот тим, кој на крајот во Премиер лигата го освои четвртото место.