Валенсија учел за Вест Хем од „Грин Стрит хулиганс“

Еквадорскиот напаѓач во премиерлигашот дојде од мексиканскиот тим Пачука, а за агресивните навивачи на „чеканите" дознал од познатиот филм.

Откако Вест Хем го плати 12 милиони фунти, Енер Валенсија стана најскапиот фудбалер кој сезонава дојде на „Аптон Парк".

Во интервју за „Гардијан", Валенсија вели дека ужива во секоја првотимска минута за Вест Хем, а за љубовта која навивачите ја имаат кон клубот разбрал откако го изгледал филмот „Green Street hooligans". Филмот е во режија на Дени Даер, човекот кој освен што сними неколку серијали за најголемите дерби средби во светот, глумеше и во филмови на таа тематика.

Приказната во филмот (снимен 2005-та) е ривалството меѓу Вест Хем и Милвол, двата лондонски клуба кои сонуваат за меѓусебните натпревари кои изобилуваат со инциденти, а главната улога ја одигра Елајџа Вуд.

„Не знаев ништо за историјата на Вест Хем. Не бев запознает ниту со нивниот трофеј во ФА купот од 1980-та година. За страста на навивачите дознав од познатиот филм. Кога доаѓав, не знаев што можам да очекувам, но ми кажаа дека големите инциденти се минато и дека веќе не е толку опасно на трибините и надвор од нив", вели Валенсија.

Со оглед на тоа што доаѓа од Јужна Америка, страста кон фудбалот не му е непозната на Еквадорецот.

„Кога играв за Емелек во Еквадор, во 2012-та година игравме дерби натпревар против Барселона кој решаваше за титулата. Тие ни бегаа два бода и ако победевме ќе станевме прваци. За жал, загубивме и неколку дена не излегувавме на улиците. Овде е различно, кога загубивме во првото коло, навивачите уште останаа на трибините и нe бодреа", констатирал Енер Валенсија.

Во ремито против Хал Сити (2-2), Валенсија го постигна и својот прв гол во дресот на Вест Хем, а корпулентниот напаѓач беше и прв стрелец на Еквадор на СП во Бразил.

26 септември 2014 - 13:10