Многу пати пати во своите интервјуа, Жозе Мурињо нагласува дека ниту една негова реакција не е избрзана. Се е добро смислено, односно секоја негова реакција, се што тој ќе изјави во медиумите, секое лутење или смеење се добро контролирани.
Токму тоа се случи утрово. Насловите дека Мурињо го напушта Реал Мадрид во Јуни или дека наскоро ќе се врати во Англија беа многу добро смислени, пуштени во јавноста и контролирани од Мурињо.
Ова е денешната насловна вест на шпанска Marca: „Мурињо ќе го напушти Реал Мадрид во јуни - Односите помеѓу него и Перез се нарушени".
Во исто време се појави и информацијата дека Мурињо ќе се врати во Англија, а Фергусон веќе го најавил и како негов наследник во Манчестер Јунајтед.
Неколку часа подоцна со свој демант излезе и самиот Мурињо и истакна дека има намера да остане во Мадрид и следната сезона.
Но ова е „дежа ву". Да се потсетиме на една вест од јануари оваа година: „Жозе Мурињо го напушта Реал Мадрид и ќе се врати во Премиер лигата".
Не дека нема шанси Мурињо да го напушти Реал Мадрид во јуни (најверојатно и ќе го напушти ако не ја одбрани титулата или не ја освои ЛШ), но проблемот е што овие информации потекнуваат токму од Мурињо.
Ова не му прв пат на Мурињо да ја користи оваа тактика за да направи притисок кон челниците на Реал Мадрид. Кога Мурињо ќе се пожали за лошиот однос со управата на клубот, тој праќа предупредување до челниците дека се што тие сега ќе направат, веднаш ќе се најде на насловните во медиумите.
Тој манипулира со медиумите за од управата да добие однос каков што на него му одговара. Никој од управата не сака да го бие глас дека му попречувал во работата на „Специјалниот". Перез и останатите членови на управата на Реал Мадрид многу добро знаат дека Мурињо е манипулатор, но тие исто така знаат дека можат да ја освојат Лигата на шампиони и не смеат да му вршат притисок.
Неговите манипулации со медиумите не се насочени само кон управата, туку и кон фудбалерите. Мурињо праќа порака и до играчите, посебно до постарите, дека ова можеби им е последна шанса да ја освојат Лигата на шампиони, а со тоа добива мир и дисциплина во соблекувалната и дополнителна мотивација помеѓу фудбалерите на теренот.