Украина ја совлада Шкотска на гости и е на чекор од пласман на Светско

Фудбалската репрезентација на Украина долго го чекаше мечот против Шкотска. Поради воениот конфликт меѓу Украина и Русија, УЕФА го одложи бараж мечот со Шкотланѓаните а Украинците еден месец се спремаа во Словенија. И се испостави дека врвно се спремиле за мега дуелот на преполн Хемпден Парк.

Пред овој натпревар британските медиуми пренесуваа изјави на фудбалски работници од Островот кои велеа дека од сè срце би сакале Украинците да одат на Мундијал, поради војната со Русија.

Украинските репрезентативци емотивно ја испеаа химната на „Хемпден Парк“, обвиткани во државни знамиња.

Уште од стартот на мечот во Шкотска, Украинците тргнаа по гол, а нивниот најдобар играч Јармоленко го отвори резултатот во 33’ минута.

Имаа гостите уште пар изгледни шанси за гол но не ги искористија и на пауза заминаа со гол предност.

Само што почна вториот дел, кога Украинците имаа посед на топка 84:16, корпулентниот и снажен Роман Јаремчук во 49’ минута зголеми на 0-2 со убав гол со кој ги фрли украинските навивачи во транс. Надеж на домаќинот на кратко им донесе Калум МекГрегор со гол во 79’ минута но Артем Довбик во 90+5’ го заклучи мечот со гол за конечни 1-3.

Украина сега е во финалето на баражот и ќе игра против Велс на Герет Бејл за пласман на големото Светско првенство 2022 во Катар. 

ШТО ГИ ЧЕКА СЕГА?

Репрезентацијата на Украина ќе игра против Велс на 5. јуни а мечот ќе се игра во Кардиф (Велс). Велшаните претходно во полуфиналето на баражот на крајот од март ја победија Австрија 2:1 а јунак на тој меч за нив беше Гарет Бејл со два гола.

КОГА УКРАИНА ПОСЛЕДЕН ПАТ ИГРАШЕ НА СВЕТСКО?

Во 2006-та, на Мундијалот во Германија кога стигнаа далеку дури до четвртфиналето. Таму Украинците загубија 3:0 од идниот шампион Италија.

Во 2010-та Украина загуби во баражот за Светско од Грција, а во 2014-та посилна од нив на патот за Мундијал беше Франција. Во 2018-та Укранците завршија трети во квалификациона група и не се пласираа во баражот.

Од друга страна, Велс нема пласман на Светско цели 15 Мундијало по ред! Последно и единствено учество на Велшаните им е Светското 1958 кога успеале да поминат група но во четвртфинале налетале на силниот Бразил.

КОИ СЕ ДРУГИ КАНДИДАТИ ЗА СВЕТСКО?

Покрај последниот европски патник кој ќе се решава меѓу Велс и Украина, се очекуваат уште и последните репрезентации кои ќе ги комплетираат групите на Светско.

Во меѓуконтиненталниот бараж на 13 јуни Перу ќе игра против победникот од мечот ОАЕ - Австралија кои играат на 7 јуни. Патникот на Мундијал ќе оди во група со Франција, Данска и Тунис.

На 14 јуни Коста Рика ќе игра со Нов Зеланд а победникот од овој меч ќе се најде во најсилна група со Шпанија, Германија и Јапонија.

2 јуни 2022 - 08:42