Во 2009-та година кога на екипата на Стромсгодсет и се закануваше испаѓање од лигата, тренерот Рони Деила вети дека ќе се соблече пред цел стадион ако изборат за опстанок.
Во последното коло Стромсгодсет го победи Викинг и успеа да опстане, а младиот тренер се соблече по гаќи и истрча победнички круг околу стадионот.
Четири години подоцна, фудбалерите на Годсет како што ги викаат скратено, се на чекор до освојување на втората титула во нивната историја. Првата ја освоиле во 1970-та година, пет години пред раѓањето на нивниот тренер.
На оваа титула ќе се израдуваат сите неутралци затоа што клубот стана миленик на вистинските љубители на фудбалот. Скромниот клуб игра напаѓачки фудбал и е прав пример за тоа како може да се исполни фудбалски сон со добра визија, долгорочно планирање, голем труд и добар тренер.
Стромсгодсет има многу сличности со Борусија Дортмунд. Исто како Дортмунд, тие доаѓаат од мало индустриско градче, Драмен. Исто како Борусија Дортмунд, тие беа на работ на банкрот во 2005-та година, а во моментов имаат неколку легенди во клупското раководство кои навистина го сакаат клубот и знаат како да го раководат.
Еден од нив е Џостеин Фло, братот на познатиот Торе Андре. Тој донесе многу ефтини фудбалери и ги продаде за висока цена, изгради партнерство со Манчестер Сити од каде што земаат талентирани младинци, но најважно од се е што донесе една голема одлука во 2008-та година. Тој веруваше во визиите на тогаш 32-годишниот асистент и го назначи Рони Деила за прв тренер на тимот. И не згреши.
Во 2009-та година Деила го спаси тимот од испаѓање. Следната година го освои норвешкиот куп, а минатата сезона заврши на втората позиција во лигата.
Деила е дипломиран наставник кој е познат по својата позитивна енергија, харизма, самоувереност и способноста да ги мотивира своите фудбалери. По начинот на својата работа тој е многу сличен со тренерот на Борусија Дортмунд. Исто како и Јирген Клоп.
Наместо да градат нов стадион, челниците со визија решија да му дозволат на Деила да ги инвестира средствата во развој на младинскиот фудбал. И повторно не згрешија. Веќе две години Стромсгодсет нема пораз на своето старо стадионче изградено во 1924-та година, а младинската школа постојано произведува нови таленти.
Еден од најталентираните млади фудбалери во Европа е на чекор до историски успех со Стромсгодсет. До крајот на првенството во Норвешка има само уште две кола, а Стромсгодсет има предност од три поени во однос на Розенборг.
Рони Деила ги освои симпатиите на цела Норвешка (освен на навивачите на Розенборг), но и пошироко. Во последните две кола од норвешкото првенство ние навиваме за Стромсгодсет.