Убав гол на Мирчевски, со дриблинг ала Меси

Нов, седми сезонски гол за Мартин Мирчевски, сјајниот фудбалер на ТСЦ Бачка Топола, второпласираниот тим во српската Суперлига. Мирчевски одигра одлично во триумфот на неговата екипа од 1-3 над Вождовац на гости. Битолчанецот го постигна последниот гол, во шеста минута од судиско продолжение.

Екипата на ТСЦ од Бачка Топола која ја воодушевува српската јавност со сјајна клупска организираност, прекрасен и модерен стадион, сезонава бележи одлични резултати. ТСЦ Бачка Топола на најдобар можен начин ја користи резултатската и управувачка катастрофа во Партизан, па во моментов се на второ место со дури 5 бода повеќе од црно-белите кои имаат меч помалку.

Со оглед на одличните резултати во претходните сезони, српската лига стекна право за директен пласман во групна фаза од Лига на шампиони на шампионот сезонава и пласман во квалификации за ЛШ за второпласираниот на крајот од сезонава.

Затоа битката за второ место во српскиот фудбал е понеизвесна и поинтересна од кога и да е.

Мирчевски дебитираше за македонската фудбалска репрезентација во ноември 2022-ра на пријателска против Азербејџан (1-3) и тоа му е единствен настап досега. Од сите актуелни репрезентативци, тој можеби игра во најдобра форма во моментов и со сигурност заслужува повик од селекторот Милевски за претстојните квалификациски средби со Украина во Скопје и Англија во Манчестер.

12 април 2023 - 14:13