
Италијанскиот весник Република денеска напиша три можни сценарија за тоа што би се случувало со италијанското првенство. Ако се случи сценарио број 3, тогаш во Лига на шампиони одат Јувентус, Лацио, Интер и Аталанта.
Елиф Елмас би играл во Лига Европа, а Пандев повторно би ја спасил Џенова од испаѓање и тоа исто како лани, со ист број на бодови на тој што е под нив.
1. ОДЛОЖУВАЊЕ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО
Првото решение е најпосакувано од страна на клубовите и федерацијата, а тоа е УЕФА да направи проценка за тоа дали може да го одложи европското кое стартува на 12 јуни. Во таков случај Италијанците ќе имаат повеќе време и поголем избор на датуми за да ги организираат останатите 12 кола.
Со ова сценарио и по завршувањето на забраната на 3 април кога истекува декретот потпишан од премиерот, може без проблем да се доигра сезоната и во Италија, а и во другите првенства во случај на прекин. УЕФА така би требало да го премести европското за на есен или за следното лето.
2. АЛТЕРНАТИВЕН РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
Ако УЕФА не го помести стартот на ЕП, тогаш Фудбалската федерација на Италија има обврска да направи алтернативен распоред на преостанатите натпревари, кој и не е баш пријатен за играње. Тоа би значело големо форсирање за играчите кои ќе мораат да играат на секои три дена, за што се разбира ќе има многу малку согласности.
Во таков случај можно би било да се помести Купот на Италија закажан за 20 мај и да се одигра на 1 јуни, со што така би се искористиле и играчите кои веќе би биле на подготовки со своите репрезентации. Опција е и финалето и реванш полуфиналињата да се преместат за август.
3. ДА СЕ ПРОГЛАСИ ПРВЕНСТВОТО ЗА ЗАВРШЕНО
Најнепосакувано е ова сценарио кое може да се случи ако се зарази еден играч. Во статутот на федерацијата нема пишано евентуална солуција за вакво нешто, затоа што се нема случено од 1915-та година. Тогаш првенството било прекинато на 23 мај поради влез на Италија во Прва светска војна.
За ова треба се разговара. Дел од претседателите вршат притисок да се “замрзне“ актуелната табела, иако немаат сите одиграно ист број на натпревари. Тоа значи дека секој би завршил на позицијата на која што е сега на табела, но нема да има шампион. Решение кое за многумина е неприфатливо, но е поддржано од други.
Тогаш Скудетото нема да биде доделено на никој, туку само ќе се заверат сегашните пласмани на сите екипи и ќе се знае кој излегува во Европа. Оваа одлука би била контроверзна затоа што замрзнување на табелата би значело и бришење на неверојатната сезона на Лацио, но и на Беневенто во Серија Б кој има 17 бода повеќе од вториот.