Секоја трета симулација за прекршок ќе го измами судијата, вели истражување кое било направено на 60 натпревари, а биле анализирани 2.803 паѓања на фудбалери.
Истражувањето го извел професорот Роби Вилсон од еден австралиски универзитет. Тој анализирал по 10 натпревари од лигите на Шпанија, Германија, Холандија, Италија, Франција и Австралија.

Од вкупно 2.803 паѓања на фудбалери, 6% (169) биле лажни, а за останатите 2634 навистина имало фаул. 33% од симулациите биле успешни и судијата досудил фаул и покрај тоа што немало контакт со противнички фудбалер.
Истражувањето вели дека фудбалерите најмногу симулирале кога резултатот бил нерешен, а паѓањата најчесто се во противничкиот шестнаесетник со цел да се изнуди пенал.
Фудбалските федерации на Австралија и САД од неодамна започнаа да ги казнуваат фудбалерите по прегледаните снимки по завршувањето на натпреварите и според Вилсон, ова довело до значително намалување на бројот на симулирања во овие лиги.