Три карти за Европско првенство - вечерва се баражите

Дванаесет репрезентации се близу остварување на сонот за пласман на Европско првенство 2024 кое се игра летово во Германија.

По примерот на претходните изданија на Лига Нации, така и овојпат 12 селекции сместени во три „патеки“ врз основа на резултатите во Лига Нации, ќе играат натпревари за пласман на Евро 2024.

БАРАЖ ЗА ПЛАСМАН НА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО, ПОЛУФИНАЛЕ, 21 МАРТ:

Патека А: Полска - Естонија, Велс - Финска
Патека Б: Израел - Исланд, БиХ - Украина
Патека Ц: Грузија - Луксембург, Грција - Казахстан

Сите натпревари се играат во 20:45 часот а финалните дуели се закажани за 26. март (вторник). Веќе се познати и евентуалните домаќини, тоа ќе бидат победниците на дуелите Велс - Финска, БиХ - Украина и Грзуија - Луксембург.

ПОЛСКА - ЕСТОНИЈА

Полјаците како феникс се креваат од пепел после секој нов циклус квалификации. Редовни учесници се на големите Светски и Европски првенства, иако пласманот до таму крваво го заработуваат речиси секој пат.

Овојпат малку ги погледна и среќата па ќе играат против послабо рангираната селекција на Естонија која никогаш не се пласирала на голем турнир. Полска притоа е апсолутен фаворит затоа што нема пораз на последните 20 квалификациски натпревари на свој терен (имаат дури 15 побед) уште од 2006-та година.

Интересно последен пат Естонија и Полска се сретнале пред 12 години а славле Естонците со гол во последните минути од мечот преку Константин Васиљев кој има 39 години и уште е во репрезентацијата. Во случај да настапи вечерва, Васиљев ќе се израмни со рекордерот по број на настапи за Естонија, Мартин Рем кој има 157 натпревари.

Во традиционалните квалификации за Европско првенство Естонија освои само 1 бод но успеа да се протне преку Лига Нации.

Cup tree provided by Sofascore

ВЕЛС - ФИНСКА

На Велшаните им тргна во последно време па редовно се појавуваат на Светско и Европско првенство. На последните 14 натпревари само еднаш почуствувале горчина на пораз, а имаат дури 10 победи! 

Велс не изгубил од Финска на последните 4 меча од 2009-та година па наваму. На два од тие четири дуели победнички голови дал центарфорот Кифер Мур кој игра во Ипсвич во втората англиска лига Чемпионшип.

Можно е вечерва да биде таличен по „змејовите“.

ИЗРАЕЛ - ИСЛАНД

Израелците одиграа одлични квалификации и малку им фалеше да завршат први пред Швајцарија во групата и директно да се пласираат на Европско првенство.

Израел сега го чека Исланд во Будимпешта, во Унгарија поради воениот конфликт меѓу Израел и Палестина.

Реперезентацијата на Израел неодамна оствари одлични резултати и ја освои групата во Лига Нации па се пласираше во најсилната А дивизија за претстојното издание.

Исланд се реши да продолжи со селекторот Аге Хаеиде во јануари и го планираат на подолги патеки.

„Одиме во Германија! Силно верувам во овој тим и играчите. Талентирана, амбициозна група се, одличен кадар. Можеме да оствариме резултат со солидарност и организација“, изјавил селекторот пред мечот со Израел вечерва во Будимпешта.

На последните пет меѓусебни дуели Израел дури три пати го победувал Исланд.

БИХ - УКРАИНА

Можеби најинтересен меч од сите полуфинални дуели во баражот. Овие две селекции неколку пати се судрија во квалификациите а последниот пат во циклусот за Светско првенство. Украинците тогаш славеа на гости со 2-0 а дома ремизираа.

Главен адут на Украина е центарфорот Артјом Довбик кој тогаш како резерва влезе и постигна гол во триумфот над БиХ, а сезонава блеска во Жирона со која долго време беа лидери во шпанска Ла Лига.

26-годишниот украински центарфор има 14 гола и е на чело на листата најдобри стрелци во Шпанија заедно со Џуд Белингем од Реал Мадрид.

Од друга страна БиХ и натаму се потпира на својата најголема играчка легенда, 38-годишниот Един Џеко кој сезонава растура со 22 гола и 9 асистенции на 37 меча во сите натпреварувања со Фенербахче.

„Имам некое чувство како ова да е првпат ништо да не се очекува. Ако ги гледаме последните наши натпревари, Украинците се фаворити но ова се поинакви натпревари и нема фаворит. Шансите се 50-50“, рекол капитенот на БиХ која од клупата ја води Саво Милошевиќ.

Cup tree provided by Sofascore

Интересно Босна и Херцеговина нема нерешено на последните 12 утакмици а има 6 победи и 6 порази но губеа од многу послаборангирани селекции.

ГРЦИЈА - КАЗАХСТАН

Грците менуваа селектори, функционери, генерации, ама никако да се пласираат на некое големо натпреварување во последниве години.

Сега предводник им е Уругваецот Густаво Гус Појет кој играше на времето во Челси и беше неприкосновен фајтер на теренот.

„Знаејќи ја потенцијалната група во која би биле (на Европско) тоа овој бараж го прави уште поважен. Шанса да се игра дерби со Турција, со Португалија предводена од Кристијано Роналдо и да се пробаме со Чешка ни ја зголемува желбата да се пласираме на ЕВРО 2024. Но секако мора исклучтително почитуваме и мора да се концентираме на тешките мечеви во баражот почнувјќи од Казахстан“.

А замислете како е токму во Казахстан кој има историска, животна шанса да се пласира на прв голем турнир. Имаат сјајна генерација која забележи неверојатни резултати во квалификациите и стигна дури до директен дуел со Словенија за прво место во групата и пласман на Евро 2024. Изгубија но сега имаат нова шанса преку баражите од Лига Нации.

Cup tree provided by Sofascore

Селектор им е Магомед Адијев кој ги водеше на дури шест победи во квалификациите за Европско па дури и 3:2 после голем пресврт против силната Данска како и триумфи на секогаш незгодните гостувања во Северна Ирска и Финска.

Сега победија на шест натпревари во квалификациите а претходно во целата историја квалификации за Европско победиле седум пати.

ГРУЗИЈА - ЛУКСЕМБУРГ

Дуел на две селекции кои никогаш не биле сметани за репрезентации кои би можеле да стигнат на еден завршен турнир.

Но Луксембург игра како препороден и оваа сјајна генерација фудбалери направи неколку многу сериозени резултати, ја совладаа Босна и Херцеговина, го победија Исланд против кого освоија четири бода.

Замислете Луксембург на претходните 117 меча во квалификации за Европско првенство победил на само осум.

„Секој играч, луѓето во сојузот и јас се радуваме на натпреварот со Грузија. Кога си толку блиску сакаш да отидеш на Европско првенство. Сигурно сме дека можеме да го оствариме тоа и да ја испишеме историјата“, вели селекторот на Луксембург, Лук Холц кој вечерва ќе гостува во Тбилиси.

За Грузија нема да игра нивниот лидер и најдобар играч Хвича Кварацкхелија кој е суспендиран поради картони.

Грузија и Лускембург имаат четири меѓусебни средби. Грузијците победиле два пати, Луксембург еднаш и тоа во 2018-та.

21 март 2024 - 12:03