Тренерот на РБ Салцбург има само 33 години, една година е помлад од тренерот на Баерн Минхен

Во Австрија синоќа во Лига на шампиони не беше ништо помалку интересно отколку на големиот меч во Милано меѓу Интер и Ливерпул. Салцбург повеќе од 70 минути водеше против Баерн но на самиот крај Кингсли Коман израмни и ги постави конечните 1:1.

Средбата Ред Бул Салцбург - Баерн Минхен беше дуел на двајцата најмлади тренери во Лига на шампиони и пошироко. Идеите и формациите ги судрија 33-годишниот Матијас Јаисле и 34-годишниот Јулијан Нагелсман.

Ова беше своевиден триумф на германската тренерска школа. Тие двајца веќе некое време работат одлична работа и имаат уште многу години пред нив. Битка на интелект и свежи, модерни фудбалски идеи. И стил секако:

Јулиан Нагелсман и Матијас Јаисле учеле во академијата Хенес Вајсвајлер во малото градче Хенеф од каде излегуваат најдобрите специјалисти во Германија.

И двајцата се меѓу тројцата најмлади тренери во цела Лига на шампиони сезонава. Нагелсман во елитата се најде уште на 32 години и 211 дена со што стана убедливо најмлад тренер на клуб учесник во плејофот на Лига на шампиони, а Јаисле синоќа на 33 години и 316 дена за првпат заигра во нокаут фазата на еминентното друштво.

На второ место меѓу нив двајца како најмлад тренер-учесник во плејоф на ЛШ е Германецот Доменико Тедеско (33 години и 161 ден), актуелен тренер на Ред Бул Лајпциг.

Ако за Јулијан Нагелсман одамна веќе е познато дека како многу млад правеше чуда како тренер на Хофенхајм, подоцна и во Лајпциг за да на 33 стане најмлад тренер во историјата на Баерн Минхен, тогаш за Јаисле малку се знае.

Тој поради повреда ја завршил кариерата на 26 години, но веднаш почнал нова кариера. Ралф Рагник, легендарниот германски стручњак, денес тренер на Манчестер Јунајтед, го викнал Матијас да стажира во младинскиот оддел на Лајпциг за што Јаисле ден-денес му заблагодарува во разни интервјуа.

Прво почнал да му помага на Себастијан Хенес (сега актуелен тренер на Хофенхајм) во екипата до 16 години, а потоа работел со У-17 тимот. Патот го одвел до Данска каде му бил помошник на Александар Цорнигер во Брондби. Асистент бил на само 29 години.

 

Во летото 2019-та Матијас одработел пола година во У-18 на Салцбург, а на 32 години му го довериле тимот-филијала на Ред Бул Салцбург, Лиферинг. Во овој клуб Германецот се задржал пола година и во јули 2021-ва го промовирале во прв тренер на првиот тим на богатиот РБ Салцбург што е мошне големо признание.

Клучни идеи на Матијас Јаисле се интензитет, пресинг и брзи премини од одбрана од напад како што всушност и го дадоа голот против големиот Баерн Минхен.

Во принцип работи во формација 4-3-1-2, а неговиот тим се труди да има што поголем посед на топка. „Сакам да играме активен и храбар фудбал, но исто сакам да имаме стабилност за некои играчи да можат да се развиваат“, вели тој.

Јаисле е прав манијак во својата работа. Извор на The Athletic во Салцбург вака го опишал неговиот фанатизам: „Он прв доаѓа на терен и последен си оди. Неговите планови за тренинзи се распределени на две-три недели однапред“.

Често го споредуваат со Нагелсман, но тој вели: „Јас не сум Нагелсман верзија 2.0, јас сум Матијас Јаисле. Да се биде тренер е многу повеќе од проста тактика. Важно е како зборуваш со играчите и персоналот, како им се обраќаш, како се однесуваш со нив, како влијаеш на публиката итн... сите луѓе се разни“, вели тој.

Но тешко ќе му биде да се избави од споредбите со најталентираниот тренер на светот во моментов Нагелсман. Интересно, многу им е близок и стилот на облекување.

17 февруари 2022 - 10:14