Тажната судбина на Бари и нивниот стадион кој остана без вода поради неплатени сметки

Додека Јувентус успеа да издвои 30 милиони годишно или 600.000 неделно за Кристијано Роналдо, на стадионот на Бари кој во плеј-оф меч за прва лига собра 50.000 публика, му ја исклучија водата поради долг од 6.000 евра. Истиот стадион на кој Дарко Панчев го шутираше најважниот пенал во кариерата.

Доаѓањето на Кристијано Роналдо во Италија беше поздравено како државен удар (во позитивна смисла), човек од кој нема да има придобивки само Јувентус туку и цел фудбал во Италија кој се очекува да зголеми гледаноста. Торино е во транс поради трансферот на суперѕвездата, но не е секаде така.
 
Второлигашите Бари и Чезена и третолигашот Реџана се пред згаснување поради финансиски проблеми. Откако во 2002-ра година банкротираше Фиорентина, 153 италијански клубови одново се формираа, се спојуваа со други или целосно исчезнуваа. Само ова лето три екипи беа исфрлени од Серија Б во Серија Д поради финансиски проблеми и покрај тоа што не завршуваа во зоната на испаѓање.
 
Повеќето од овие клубови на некаков начин успеваа да се вратат на сцена. Ќе се регистрираат одново со нови газди и ќе почнат од почеток од најниските лиги. Некои воскреснуваат од пепелта и напредуваа. Наполи во 2004-ра беше одново формиран, а лани за малку ќе ја освоеше лигата. Парма прави кам бек во Серија А само три сезони по третото реформирање во нивната историја.
 
 
Но процесот на воскреснување може да биде долг и болен за навивачите. Ова е ново искуство за Бари основан во 1908-ма година и Чезена која е дел од професионалните лиги уште од 1940-та. Тоа е 188 годишна фудбалска историја потпишана со пенкало.
 
Како дојде до ова дереџе Бари, клубот во кој се појави големиот талент Антонио Касано?
 
Во мај 2014-та по тридецениско владеење на фамилијата Матарезе, Бари најде нови газди, група претставувана од поранешниот судија Џанлука Папареста која плати 4,8 милиони евра на аукција. Матарезе последните три години го остави клубот да стагнира, а долговите пораснаа на 30 милиони евра.
 
Папареста, кој е инаку роден во Бари се обидуваше да најде богат инвеститор за да го крене клубот. Се појави малезискиот бизнисмен Нордин Ахмад кој имаше прелиминарен договор да откупи 50% од клубот, а локалниот тајкун Космо Џанкаспро кој во декември 2015-та доби удел од 5%, беше назначен за нов претседател.
 
 
Од тогаш атмосферата во клубот се променила, но плановите за повторен развој на стадионот Сан Никола не тргнале во добра насока. На клубот му бил понуден долгорочен закуп и слобода да се развие теренот, но без расположливи средства плановите биле одложени и Сан Никола беше оставен тивко да се распаѓа со потресна рефлекција на ситуацијата зад сцената.
 
Во јануари 2018-та се појавија гласини дека клубот на играчите им должи плати, а во март беше соопштено дека целиот долг изнесува 16 милиони евра. Без средства, влезот во прва лига беше нивната единствена надеж. Играчите се изборија да стигнат до плеј-оф, но казната од 2 бода поради финансиски нерегуларности ги скина по што не успеаа да стигнат до Серија А.
 
Проблемите отидоа до таму што минатиот месец стадионот остана без вода поради неплатени сметки од 6.000 евра. Истовремено клубот се обидуваше да ги исплати платите и придонесите на во износ од 5 милиони евра, како и да ја плати регистрацијата за да може да се натпреварува во Серија Б следна сезона.
 
 
Имаа неуспешни преговори со сопственикот на Лидс Јунајтед, Андреа Радрицани, додека Џанкаспро, кој сега е под истрага за финансиски нерегуларни си замина од клубот.
 
Сан Никола важи за архитектонски реновиран стадион познат како “вселенски брод“, кој првично беше изграден за СП 1990. На истиот овој стадион една година подоцна Панчев и Најдоски ја славеа европската титула со Црвена Ѕвезда.
 
Но за Сан Никола веќе долго време не може да се најде извор на ресурси, а тоа е слична приказна кај многу стадиони на Апенините кои се под општинска капа. Дури и Јувентус не можеше да го наполни Деле Алпи и на крај си изгради помал и поекономичен стадион.
 
 
Последните неколку години беа исцрпувачки за навивачите на Бари. Проблемите со стадионот, ротирањето на газди, тренери и играчи и зголемувањето на цените на билетите во ерата на Џанкаспаро го уништија ентузијазмот.
 
Клубот кој на плеј-оф меч против Латина во 2014-та за влез во прва лига собра 50.000 навивачи, пред две години успеа да продаде само 20.000 карти за плеј-оф средбата против Новара.
Градоначалникот изјави дека актуелната ситуација со Бари е 1.000 пати поголема од пораз на терен.
 
Тој зборуваше пред 4.000 навивачи со надеж дека постои некаков излез од најлошото. Барањето на Декаро од италијанските власти е да му најдат место на Бари барем во Серија Ц, но тешка е веројатноста дека тоа ќе се случи. Новите инвеститори се појавија, но деталите остануваат нејасни.
 
„Кога на петелот ќе му ја скратиш глава, тој живее некое време. Бари никогаш не умира. Луѓето од Бари не умираат. Воскресението ќе почне од Серија Д. Ние ќе бидеме таму со нашите шалови и песни за да го испочитуваме црвените и белите бои, денес, вчера и засекогаш“, рече долгогодишниот навивач Алфред Ричи.
Бари и Чезена ќе треба да се инспирираат од клубови како Наполи и Фиорентина кои се кренаа високо откако се соочија со слични судбини, додека Реџана ќе се обиде да ги избегне грешките што ги направија откако беа одново вратени од мртвите во 2005-та.
 
Моќеби ќе има нови имиња, нови стадиони, нови противници и нови газди, но навивачите остануваат константни. Никој не може да им ја одземе страста на оние кои ќе продолжат да му даваат живот на некој клуб, дури и откако ќе бидат запишани некролозите.
24 јули 2018 - 13:46