Пред шест години водел детски тим на Мајорка, сега стана светски шампион со Меси и Аргентина

Интересно, во 2016-та година после болниот пораз во финале на Копа Америка, тогаш тренер на детски тим, Лионел Скалони на Твитер напишал: „Не си оди, Лео“. После шест години двајцата заедно освоија Светско првенство.

Кога по разочарувањето на Аргентина на Светско 2018 во Русија, Сампаоли доби отказ а за привремен, в.д. селектор беше поставен малку познатиот Лионел Скалони, Диего Марадона во пар наврати рекол:

„Тој е одличен дечко, ама тој не може да управува ни со сообраќај. Како е можно да му се даде репрезентацијата на Скалони? Будали ли сме?“, рекол Марадона за назначувањето на Лионел за селектор на Аргентина.

Скалони не одговарал, а Марадона подоцна уште еднаш рекол: „Во репрезентацијата на Аргентина е малиот Лионел Скалони кој ни крив ни должен го назначија. Проблемот е во тоа што тој ќе се умисли дека е тренер и ќе сака да оди на Светско првенство. Со него може да се оди на Светско во мототрки, а не во фудбал“.

Дури и кога Аргентина ја освои бронзата на Копа Америка 2019, Диего сомневал: „Јас сум уште сигурен дека Скалони не е тој човек кој ќе ја поведе репрезентацијата кон големи победи. Не ми се јасни неговите решенија, измени, неговата тактика. Не мислам дека ќе се задржи долго во репрезентацијата“.

Лионел Скалони се задржа повеќе од 4 години, а со него Аргентина го освои првото Светско првенство после цели 36 години! И првиот пехар на Копа Америка за цели 28 години!

„Се надевам дека му беше задоволство додека ги гледаше натпреварите од небесата“, достојно рекол Скалони на прашањата за Марадона по големото финале со Франција.

Достоен одговор, како и целиот живот на Лионел Скалони.

РОДЕН Е ВО ГРАДЧЕ СО 4.000 ЖИТЕЛИ И УШТЕ ДОАЃА ТАМУ КАЈ РОДИТЕЛИТЕ НА КОИ ИМ ГО ПОСВЕТИ ТРИУМФОТ НА СВЕТСКО ПРВЕНСТВО

Во пролетта 2019-та светската спортска јавност дозна непријатна вест дека Скалони имал тешка незгода на велосипед, дека го удрила кола. Страшни биле информациите кои стигнувале. Некои пишувале дека доживеал тешки повреди и посекотини а раната на лицето му била околу десет сантиметри.

На крајот твитер профилот на репрезентацијата на Аргентина ја смирил јавноста со објава дека селекторот е пуштен од болница.

Скалони секогаш вози велосипед, особено кога доаѓа во родниот град кај родителите. Ним им го посветил триумфот на Светското првенство.

„Мама пред неколку дена имаше сериозни моменти, но се бори. Татко ми исто e вознемирен особено што имаше мозочен удар пред неколку години“, рекол Скалони по големото финале на Светско првенство.

Скалони е роден во Пухато, мало градче со 4.000 жители, на 350 километри од Буенос Аирес и 40 километри од Росарио. Се наоѓа меѓу бескрајни полиња во еден правоаголник кој од сателит изгледа додевен и тивок.

И покрај малите размери на селцето (1,7 километри на 1 километар), Пухато има 4 фудбалски игралишта. На нив Лионел Скалони почнал да игра.

„Од детство живееше со фудбалот. Лионел не се двоеше од топка, спиеше со неа под перница“, се сеќава Алберто Џанфеличи кој го памети селекторот на Аргентина уште од мал.

Според него, Скалони е многу сменет и смирен. Во детството бил буре барут. „Постојано се караше за време на игрите, ужасно беше тоа“.

Во 1994-та година по сите перипетии кои го снајдоа на Светското првенство во Америка, Диего Марадона ја одржувал формата во клубот Њуелз Олд Бојс каде во таа 1994-та дошол и Лионел Меси, а дошол и 16-годишниот Лионел Скалони. Неговото родно место се наоѓало на 40 км од градот Росарио па татко му го возел на тренинзи во клубот.

На 17 години Скалони дебитирал во најдобрата аргентинска лига Примера дивизион, а после една година заминал во познатиот Естудиантес Ла Плата. Од детство играл десен бек, а некогаш го ставале во среден ред.

После пар сезони во големиот Естудиантес, се спремил за пат во Европа. Од тогаш во Пухато се враќал само за во време на годишен одмор.

По крајот на играчката кариера, Скалони запливал во тренерски води. И натаму, секогаш се враќал во родниот крај. Така било и во 2021-ва по големата победа против Бразил на „Маракана“ во финале на Копа Америка. Тогаш го викнале да дојде во школото каде како мал учел и тој прифатил.

„Беше возбуден. Им порача на децата никогаш да не заборават дека најважен е нивниот однос кон она што го прават, дали е тоа игра, спорт, работа или самиот живот“, раскажува директорката на школото каде учел Скалони, Мариа дел Кармен Д’Алева.

 ДОЛГО ПОЗНАНСТВО СО МЕСИ

Кога Лионел Скалони го прашале од кој тренер најмногу се инспирираш тој рекол од Хозе Пекерман, легендарниот аргентински стратег кој водеше многу репрезентации и клубови.

Со младинска репрезентација во 1997-ма под водство на Пекерман Скалони ја освоил светската титула. Од таа генерација има и двајца помошници сега во неговиот стручен штаб: познатите Валтер Самуел и Пабло Аимар.

Во 2006-та Пекерман го повика Скалони на списокот патници за Светско 2006. 28-годишниот десен бек дојде во Германија наместо повредениот Ѕанети и доби 120 минути против Мексико во осминафиналето. Тогаш Меси на тој ден славел 19 години и влезе од клупата за резерви во 86’ минута.

Аргентина го пројде Мексико, а подоцна се сопна на пенали во четвртфинале со домаќинот Германија.

Ако Пекерман му е омилен, Скалони има и неомилен тренер. Тоа му е Хоакин Капарош, Шпанецот со кого се сретнаа во Депортиво Ла Коруња, првиот и главен клуб на Скалони во Европа.

За 17 години десниот бек дебитираше за Депортиво Ла Коруња против Спортинг Хихон и имал ужасно деби. Влегол од клупа за резерви а после само три минути го вратиле назад. Причина била повредата на голманот. Наместо повредениот Камерунец Сонг, влезе резервен голман и тоа наместо најнеискусниот играч кој штотуку влегол во игра.

Лео Скалони сфатил дека ќе мора многу да се бори за место во прв тим. А кога се изборил, не излегол од првиот тим 8 сезони по ред.

За клубот од „Риазор“ Аргентинецот одиграл 301 меч, ја освоил сензационалната шампионска титула и Кралски Куп, стигнал до полуфинале на Лига на шампиони каде загубија минимално од Порто на Мурињо.

Финалето на Копа дел Реј 2002 е епско за него. Ла Коруња го совлада големиот Реал Мадрид со Роберто Карлос, Луис Фиго, Макелеле, Зидан, Раул на сред „Сантијаго Бернабеу“.

После оваа бајка, во Депортиво пак дошол Капарош, тренерот кој наводно не сакал да работи со Аргентинци па го седнал Скалони пак на клупа како пред неколку години. Лионел сакал да обезбеди повик за Светско првенство кај селекторот Пекерман, па затоа барал нов клуб.

На 31 јануари 2006 потпишал со Вест Хем каде веќе беа Карлос Тевез и Хавиер Маскерано.

„Првично не сакав никој да носам на позајмица, но кога се појави таа можност да се потпише играч со таков квалитет, просто не можев да одбијам“, рекол тогашниот тренер на Вест Хем Алан Пардју.

Скалони веднаш влегол во први единаесет. Вест Хем во тој период би на 9. место во Премиер лига, но во еден момент стигнале до финале на Куп и можеле да го освојат првиот трофеј за цели 26 години.

Во големата битка со Ливерпул, Скалони бил меѓу најборбените но на крајот со евроголот на Џерард од 35 метри во 90+1’ минута Ливерпул израмнил 3:3 а после славел на пенали.

Буквално во последните секунди од мечот, на голот на Џерард му претходеше едно избивање на топка кога Скалони ја исфрлил до пола терен. Му замерувале зошто не ја рогнал подалеку, туку им дал шанса за нова акција на црвените.

Иако  е видно дека тој најкоректно ја избива топката како и секој друг дефанизвец.

После мечот Аргентинецот плачел, а за овој момент се сетил и пред Светското првенство 2022.

„Тогаш ми се сруши светот. Изгубив финале на ФА Куп поради моја грешка, Вест Хем одби да ме потпише, па се вратив во Шпанија. Ноќта после финалето не сакав веќе да играм фудбал“.

Цел Вест Хем и шефови и навивачи станале против Скалони. 

Иако за пола година во Вест Хем имал добри партии и станал стандарден првотимец, сепак навивачите на „чеканите“ никогаш не му го заборавиле тој момент.

Дури и после 15 години тренерот Алан Пардју иако во шега, рекол: „Никогаш нема да му простам“. Исто размислувл и тогашниот центарфор Дин Ештон: „Лионел беше одлична личност, но не му простив“.

Имало и такви кои со право сметале дека Аргентинецот не е виновен.

„Јас не би рекол дека се зависеше од него. За жал топката стаса до најдобриот играч во тоа време Џерард. Ако луѓето го криват Скалони, тогаш можат да обвинат и некој друг што не го покрил Џерард или пак да го криват голманот што прими гол. Примениот гол секако не е кривица на Лионел“, рекол Хајден Малинс тогашен играч на Вест Хем.

ПО ТРИУМФОТ НА СВЕТСКО ВЕТИЛ ДЕКА ЕДЕН ДЕН ЌЕ ГО ПРЕЗЕМЕ ДЕПОРТИВО

По Ла Коруња како играч Скалони настапуваше уште и за Расинг Сантадер. После тоа цели 6 сезони беше во Лацио со две позајмици од Рим во Мајорка и 3 завршни години во Аталанта Бергамо со мал број одиграни натпревари.

Папу Гомез со кого беа соиграчи во Аталанта а сега Скалони му е селектор во Аргентина неколку години по ред, тогаш рекол: „Можно е да се каже дека сака да биде тренер“.

По финалето во Катар, Скалони го спомнал својот сакан поранешен клуб.

„Депор е дел од мојот живот, сите секогаш знаат дека таму е мојот дом. Јас еден ден ќе го тренирам Депортиво како и што ветив“, рекол Лионел за клубот кој во моментов е во трета лига.

По крајот на играчката кариера Скалони се преселил на Мајорка. Завршил тренерски курс во УЕФА и во 2016-та ја тренирал детската екипа Сон Калиу за да добие А лиценца.

Праксата со децата не траела долго. Во 2016-та му се јавил Хорхе Сампаоли и го повикал да му биде помошник во стручниот штаб во Севиља. За една година завршиле во Топ4, влегле во нокаут фаза на Лига на шампиони, а во летото 2017-та Сампаоли ја презеде Аргентина и си го зема Скалони и таму за помошник.

Сампаоли доби отказ по поразот од Франција во 1/8 финале на Светското првенство 2018 во Русија.

СТАНА СЕЛЕКТОР И НАПРАВИ ЧУДО

 

По разочарувањето во Русија, Скалони побарал од федерацијата да остане со работа и да ја преземе младинската У-20 селекција која што ја водел на еден турнир во Шпанија.

Во финалето на тој турнир Аргентина ја победила Русија, а после тоа АФА го назначила за в.д. селектор. Бил назначен буквално од безидејност во федерацијата и поради тоа што Скалони го смирувал секој конфликт меѓу играчите и Сампаоли.

„Никој тогаш не сакаше да ја тренира репрезентацијата. Вистина е. Аргентина ја одбиваа тренери зошто изгледаше како собир на стари истрошени ѕвезди со големо его и главна ѕвезда која едноставно не можеше да се вклопи во системот“, рекол левиот бек Таљафико.

Скалони завратил ракави и почнал да работи. Се обврзал дека ќе го обнови механизмот. Во есента 2018-та неговата Аргентина одигра 6 пријателски средби, а 40-годишниот Скалони тестирал 41 играч од кои дури 16 никогаш претходно не биле во репрезетација а другите имале помалку од 20 натпревари за Аргентина.

Од составот од Светско 2018 сега останале 10 играчи. Експериментот му помогнал, Аргентина победила на 4 од 6 меча, изгубила само од Бразил, дала 11 гола а примила само 1.

Додека Скалони ја водел Аргентина како в.д. селектор, претседателот на федерацијата, Клаудио Тапија барал некој поискусен. Но го одбиле сите по ред: Мартино, Почетино, Симеоне. Се испоставило дека помогнал еден разговор на Тапија со селекторот кој на Аргентина и донел светска титула во 1978-ма, Сезар Луис Меноти.

Скалони и официјално остана селектор, доби договор и доверба а во стручен штаб помошници официјално му станаа Пабло Аимар и Валтер Самуел. Сите добиле договор на 1 година.

Тогаш и Марадона ги дал тие сомнителни изјави кога отворено се потсмевал со тоа Скалони да биде селектор. Пабло Орбаис со кого Скалони учел за УЕФА лиценца сметал дека му било судено на Лионел да биде тренер.

Во 2019-та освои бронза на Копа Америка, тогаш во полуфинале изгубија од Бразил. Од АФА решиле да му го продолжат договорот.

Верувале или не, тој пораз од Бразил му е еден од два како селектор на Аргентина на 36 меча за три години. Им фалеше уште една средба без пораз за да го израмнат рекордот на Италија со Манчини.

Во 2021-ва им ја донесе толку саканата и сонувана Копа Америка и тоа освоена среде Бразил против „кариоките“ во финале на Маракана. Скалони одигра и одлични квалификации за Светско 2022 со 11 победи и 6 нерешени во силна конкуренција во Јужна Америка.

На крајот испиша историја. Стана најмладиот тренер после цели 44 години кој освоил Светско првенство. Ја обедини цела Аргентина, ги спои младите со ветераните. Во Катар патуваа само 7 играчи од 26 кои беа на СП 2018 во Русија.

Пред големото финале со Франција размислувал да стави пет позади во одбрана и да ја смени тактиката, но во последен момент решил да го врати во составот Ди Марија кој брзо му се оддолжи со гол и асистенција и беше можеби најзаслужен со Меси и голманот Мартинез за триумфот.

Интересно, во 2016-та година после болниот пораз во финале на Копа Америка, тогаш тренер на детски тим, Лионел Скалони на Твитер напишал: „Не си оди, Лео“.

После шест години двајцата заедно освоија Светско првенство.

21 декември 2022 - 12:52