Одличен септември за македонската фудбалска репрезентација. По ремито 1:1 со европскиот првак Италија кое одекна ширум светот, македонските фудбалери го искористија моментумот и славеа на гости кај Малта со 0-2.
Селекторот Благоја Милевски направи неколку измени во однос на мечот со аѕурите на Спалети, па така наместо повредениот голман Столе Димитриевски на голот застана Шишковски.
Во одбраната Манев десно, Алиоски лево, а како централни стопери Зајков и Муслиу. Во средниот ред ново име беше Алими кој дебитираше со Италија од клупата а вечерва заигра од почеток. Во нападот зад Бојан Миовски беа Елмас и Јани Атанасов, а до нив Барди и Бојан Димоски.
Од почеток тежиштето на игра беше повеќе на противничка половина, па тоа донесе и брзо водство.
Македонија поведе уште во 5' минута со прекрасен гол на Елиф Елмас по асистенција на Енис Барди кој игра во одлична форма:
Црвено-жолтите од тој момент заиграа потпретпазливо, му препуштија блага посед на домаќинот и искусно го чекаа на полуконтри и контри.
Од една таква ситуација најпрвин добивме идеален слободен удар за Барди кој лукаво шутираше под живиот ѕид но домашниот голман одбрани, за да после само неколку минути Енис Барди од корнер маестрално му асистира на Јован Манев кој со глава постигна гол за 0-2.
Прв репрезентативен гол за фудбалерот на Осијек кој игра во сјајна форма.
Во вториот дел Алиоски погоди дирек по еден интересен обид а Бојан Миовски проба од 20-ина метри но голманот на Малта овојпат беше на место.
Домашните играа колку што Македонија им дозволи, пробаа да креираат нешто повеќе но без сериозни прилики пред голот на Шишковски. За Македонија ова е седми триумф во осум меѓусебни дуели со Малтежаните. Единствена дамка од ова гостување е повредата на стоперот Ѓоко Зајков кој на носилки беше изнесен од теренот пред крајот од мечот.
Во нашата група вечерва во Милано Италија со 2-1 ја совлада Украина а двата гола за домаќинот ги постигна новиот фудбалер на Интер Давиде Фратези. Кај гостите стрелец беше ветеранот Јармоленко.
До крајот на квалификациите, Македонија ја очекуваат исклучително тешки натпревари, во октомври против Украина на неутрален терен и во ноември со Италија на гости и Англија дома во Скопје.