Супер Ел класико, Реал и Барса како во старите времиња

Барселона и Реал Мадрид во Саудиска Арабија на стадионот „Крал Фахд“ лавовски се бореа во полуфиналето од шпанскиот Супер Куп. На крајот славеа „кралевите“ со гол во продолженијата.

Барселона после долго време без Меси успеа да му парира на Реал Мадрид, два пати Каталонците резултатски се враќаа во игра, но не издржаа до крај. Феде Валверде во 98’ минута ги постави конечните 3:2.

Мечот почна без поголема иницијатива на еден од двата тима, но Реал го искористи подобриот моментум, подобрата форма сезонава.

Поведоа во 25’ минута кога Винисиус Жуниор ѝ побегна на одбраната на Барселона и го отвори резултатот. Но четири минути пред паузата Холанѓанецот Лук де Јонг ја продолжи голгетерската серија и израмни на 1:1 за радост на навивачите на Барса.

„Жалам, криво ми е зошто го контролиравме мечот. Бевме полоши на почеток, но само што ги решивме проблемите, почнавме да играме. Многу ризикувавме. Треба поодговорно да се однесуваме со поседот на топка. Тоа посебно важи за играчите во нападот. Но заминуваме со високо крената глава“, изјави тренерот на Барса Чави после мечот.

Пике додаде:

„Откако го дадовме вториот гол, помисливме дека можеме да дадеме уште еден и почнавме да ризикуваме. Кога играме со тројца стопери во одбрана против Бензема и Винисиус не е баш лесно да се дојде до резултатот кој го посакуваш. Со таква игра можевме да победиме. Горд сум на овој тим“.

Во вториот дел Реал се обиде да воспостави рамнотежа и одново ја врати предноста во 72’ минута. Но Каталонците не сакаа да се предадат и на седум минути пред крајот нивниот бисер Ансу Фати повторно израмни и го однесе мечот во продолженија.

А таму јунак на „кралевите“ беше Уругваецот Валверде кој после една брза контра на Реал ги постави конечните 3:2. Во самиот финиш Родриго после една контра имаше чист зицер за нов гол за Реал но промаши цел гол:

Во второто полуфинале вечерва Атлетик Билбао ќе игра против Атлетико Мадрид.

Занимливости:

- Ова е петта победа по ред на Реал Мадрид во ел класико. Таква серија имале само во ’60-те години. Оваа победа стана и јубилејна 100. за „кралскиот клуб“ против Барса. Каталонците немаат победено во дербито цели 3 години.

- Првпат од октомври 2020-та година гол даде Феде Валверде. Тој има блиска врска со Суперкупот зошто пред две години стана јунак на финалето против Атлетико Мадрид со гол во 115’ минута во продолженијата за трофеј на Реал.

13 јануари 2022 - 09:05