Приказната за новиот-привремен тренер на Реал Мадрид

Многумина го паметиме како фантастичен техничар и брзо лево крило кое се прослави на „Сантијаго Бернабеу“ а и како човек кој ја почна акцијата за феноменалниот гол на Зидан со Леверкузен во Лига на шампиони.

Отказот на Хулен Лопетеги отвори раскошна шанса пред Сантијаго Солари.

Иако сите сметаат дека за 15 дена колку што му дадоа да управува со првиот тим на Реал Мадрид додека клубот не најде познат светски стручњак, ќе го остави Аргентинецот во сенка, тој самоуверено ги одржувал тренинзите и сака да докаже дека треба да остане главен тренер.

„Нашата цел е да одиме во Мелиља и да покажеме јајца“, дрско Солари ја отворил прес-конференцијата пред гостувањето во Африка на првиот меч од 1/8 финалето на Копа дел Реј и продолжил:

„Ние мораме да ја свртиме ситуацијата. Јас дојдов за да победуваме, целта е многу едноставна. Дечките се под притисок, но сакаат да се вратат на врвот. Ова е тим на победници и воини кои освоија многу трофеи. Јас играв за Реал и пролеав пот за него. Клубот е поголем од секој од нас, поголемм од играчите и тренерите. Просто сакам да бидам дел од клубов“, рекол некогашниот првотимец на Реал.

Реал лесно го преброди мечот од Купот и славеше со 0:4 во еден необичен град.

****

Што треба да знаеме за човекот кој учествуваше во акцијата после која Зидан го постигна епскиот гол против Леверкузен?

ВО ДЕТСТВОТО ПАТУВАЛ СО ТАТКО МУ КОЈ МУ БИЛ ТРЕНЕР, И ИГРАЛ ЗА АТЛЕТИКО

Сантијаго Солари е роден во аргентинскиот град Росарио каде што е роден и Меси, но 11 години пред Лионел.

Татко му Едуардо е легенда на големиот клуб Росарио Централ кој после играчката кариерата тренирал клубови во Аргентина, Мексико, Шпанија, Колумбија и САД.

Семејството постојано се селело заедно со него од земја во земја, а Солари со помалите браќа (сите тројца се фудбалери, а дедо им Хорхе играл за репрезентацијата на Аргентина на Светското 1966) трчкале по татко им на сите тренинзи и сакале да станат фудбалери.

„Се сеќавам како не земаа од школо во колумбискиот град Баранкиља или во мексиканскиот Гвадалахара и со кола не носеа на тренинзите на татко ми. Јас и браќата едвај чекавме да заврши тренингот за да истрчаме на терен“, му раскажал Солари на новинарот на El Grafico.

„Јас имав 8 или 9 години и шутирав со топка на тие огромни терени и стадиони... Фантастични сеќавања! Во Баранкиља бев на отворањето на стадионот во 1986-та: локалниот клуб Хуниор играше пријателски против репрезентациите на Уругвај и Аргентина а мене идоли ми станаа Енцо Франческоли (во чест на овој легендарен Уругваец го крстил едниот од синовите) и Марадона.“

Кога татко му Едуардо се вратил во Аргентина во 1994-та, Солари почнал да тренира во тимот Њуелз Олд Бојс и во уште една градска екипа - Ренато Чезарини. Откако виделе за каков талент се работи, за две години стигнал во славниот Ривер Плејт каде кариерата ја заврши неговиот идол Франческоли.

Солари во дресот на Ривер

Во Ривер младото лево крило поминало прекрасни шест месеци: го освоил првенството на Аргентина и Копа Либертадорес, постигнал 13 гола на 67 меча и во јануари 1999-та година неизбежна била преселба во Европа.

Атлетико Мадрид без пардон искеширал 3,5 милиони евра (воа тоа време голем трансфер), а Сантијаго Солари во дебитантската сезона изгледал единствена светла точка во екипата која за 9 месеци сменила 3 тренери и испаднала во Сегунда.

Во 2000-та година Солари потпишал со Реал Мадрид за 3,15 милиони евра и Аргентинецот повторно играл во Примера, овојпат за можеби најголемиот клуб на светот.

СОЛАРИ ИГРАШЕ СО ЗИДАН, РОНАЛДО И БЕКАМ

На „Сантијаго Бернабеу“ Солари се задржа 5 години и беше дел од една страшна генерација светски ѕвезди: Роналдо, Фиго, Раул, Зидан, Бекам и Роберто Карлос.

„Добро памтам дека во средниот ред и нападот имаше жестока конкуренција за место. Требаше да се биде трпелив и уверен дека не може да биде лошо“, се сеќава Солари на тој период.

И покрај периодичната улога во првиот состав, стартот во Реал му беше како од соништата: „Кралевите„ два пати по ред ја освоија Примера и во сезоната 2001/2002 го кренаа пехарот во Лига на шампиони.

Солари го одигра целото финале против Баер Леверкузен а учествуваше и во акцијата за легендарниот гол на Зидан: токму Сантиаго одлично го проигрува Роберто Карлос кој потоа му центрираше на Французинот:

Во 2002 година Солари прими уште едно големо признание: гледачите на Canal+ го избрале најсексуалниот играч на годината: „Благодарен сум, но чуствувам дека таму нешто не е како што треба, се насмеал Аргентинецот. -Но добро, ветувам дека ќе глумам во филмови кога ќе завршам со фудбалот.“

За 5 години во Мадрид Солари одигра 131 меч, постигна 10 гола и остана миленик на навивачите.

„Солари е одличен дечко и крајно симпатичен играч. Има одличен преглед на игра и често знае кога треба да додаде во фор во нападот, а кога да ја задржи топата“, рекол Роберто Карлос во 2006-та.

Висенте Дел Боске, кој со Солари работел до 2003 година еднаш рекол: „Тој е од оние дечки на кои секогаш може да сметате. Ладнокрвен, смел, храбар и одлично ги знае своите задачи.“

ОСВОЈУВАШЕ ПЕХАРИ СО ИНТЕР И ГИ БРАНЕШЕ НОВИНАРИТЕ

Во 2005-та година Сантијаго Солари за 6 милиони евра премина во Интер кој царуваше во Италија на крајот од ’2000-те. Аргентинецот три пати ја освои Серија А после што во 2008 реши да се врати во татковината.

Во 2011-та заигра одново тргна во авантура, играше во Пењарол од Уругвај и таму ја заврши кариерата, но не и фудбалот.

„Мислам дека нема друг избор. Сакам да станам тренер. Уште од рано детство не сакав ништо друго освен фудбал“, изјавил за Clarin.

Паралелно со курсот за тренер, Солари работел и во весникот El Pais каде еднаш неделно пишувал колумна. Со овој шпански весник соработувал уште како играч на Интер, но активно пишувал кога ја завршил кариерата.

За време на Светското 2014 ги коментирал натпреварите како стручен аналитичар и експерт во студијата на ESPN.

„По ѓаволите, ова е потешко отколку да играш во примера“, признал Солари колку не е лесно да се коментира.

 Кога видел како е од таа страна на микрофонот, тој го сменил односот со новинарите.

„Сега сосема поинаку гледам на нивната професија отколку како играч. Читателите можат разно да ги тумачат твоите мисли, некогаш и многу неисправно. Спортистите во новинарите гледаат непријатели, така мислат и сите јавни личности кои сметаат дека новинарите не можат адекватно да ги оценат. Спортистите викаат: овој дечко живее од тоа што јас го работам. Но не знаат дека пресот помага фудбалот да се продава и го прават поинтересен“, опширно раскажал Солари во 2011 за El Grafico.

ПРЕД РЕАЛ КАСТИЉА ГИ ТРЕНИРАЛ ДЕЦАТА ВО РЕАЛ МАДРИД

Солари во системот на "кралскиот клуб" дошол во 2013-та и почнал да работи со детските категории „Кадети Б“ и „Кадети А“. Со двете екипи го освоил првенството н Шпанија и им дал совет на младите:

„Во моето детство во Розарио имаше само два канала на телевизија, брзо ни здосадија и ние по цел ден бевме со топка на улица. Сега децата имаат 100 канали, WhatsApp, Instagram, Facebook. Социјалните мрежи доминираат во светот, но не мислам дека тоа е проблем. Напротив, тоа е предност која треба да се искористи. Интернетот сериозно ни го олесни животот и може да ти даде многу корисни информации за оној кој сака да биде во фудбалот.“

Во 2015-та напредувал и станал тренер на повозрасните категории „Хувенил Б“ и „Хувенил А“, младинците од кои многу го фалеше син му на Зидан, Енцо и го споредуваше со себе:

„Презимето му врши притисок, јас имав такви проблеми во Аргентина на почеток на кариерата, но Лука е во посложена ситуација: татко ми никогаш не беше Зидан“.

На крајот од 2016-та Солари го назначија за главен тренер на Реал Кастиља или Б тимот на Реал Мадрид. Тогаш за El Nacion раскажал за авторитетот во работата:

„Имав среќа да работам со многу големи тренери од кои научив многу. Од Ариго Саки и Висенте Дел Боске на пример. Саки го смени фудбалот а Дел Боске беше брилијантен со играчите. Но не учев само од нив туку и од Раниери и Манчини кои многу време поминуваа во учење тактика. Со нив дознав многу за стилови на игра. Бјелса е многу педантен и знае како да ја подобри играта.“

Последната победа на Солари пред извесно време бил Бразилецот Винисиус, вториот најмлад а најскап фудбалер на светот кој на 16 години вредеше 45 милиони евра. Лопетеги го тргна од првиот тим и го прати во Кастиља каде Солари му даде шанса и за неколку кола го скоцка маестрално за Реал Мадрид.

„Винисиус има само 18 години, сега треба да се приспособи на новата фудбалска култура, нов јазик, нови соиграчи. Тоа не е лесно и затоа клубот треба да направи се за да му помогне. Тој е многу млад, треба трпение и време“, рекол Солари за младиот Бразилец.

Винисиус набрзо на пет меча постигна пет гола и ги воодушевил сите во клубот па брзо го вратиле во првиот тим каде веќе има две асистенции во Купот на Шпанија. Ако Солари ги оправи така и Бензема, Иско, Бејл и другите ѕвезди, шансите на Реал за успешна сезона ќе пораснат.