Еден од најинтересните трансфери минатото лето беше кога Даниел Стариџ, по освојувањето на 2 пехар во Лига на шампиони (има со Челси во Минхен и со Ливерпул во Мадрид лани), стана слободен играч и како таков прво ја одби Астон Вила, па потпиша со турски Трабзонспор.
На аеродром во Турција го пречекаа стотици навивачи на клубот кој сезонава сериозно се бори за шампионската титула. Англиски фудбалери ретко одат во странски првенства, но Стариџ сакал нова авантура по големите успеси во англискиот фудбал.
Од моментот кога прејде во Трабзонспор (август 2019 година), дури 8 пати доживеал ситни повреди и пропуштил 18 средби.
Но кога е на терен тој и тоа како е корисен. Сезонава има 4 гола и 5 асистенции на 11 натпревари и 3 гола на 3 меча во Купот на Турција. За англиските медиуми редовно изјавуваше како ужива во снежниот Трабзон и не му треба милионскиот Истанбул.
Одвреме навреме снима видеа со неговото куче кое му го украдоа лани во Лос Анџелес, па нудеше 20-30.000 долари парична награда за да му го пронајдат, а на крај сè добро се заврши и му го вратија миленичето.
И кога сè му одело како подмачкано, а Трабзонспор на 11 кола до крајот на турската лига е на прво место и може да ја освои првата титула во последните 36 години, една вест удри како гром од ведро небо.
31-годишниот Стариџ доби жестока суспензија од англиската фудбалска асоцијација (ФА) поради тоа што помагал и советувал во кладење на негови блиски пријатели и роднини.
Официјално, ФА му забрани на Стариџ да се занимава со фудбал до 17 јуни 2020 година и го казни драконски 150.000 фунти! Обвинет е дека давал инсајдерски информации за трансфери, со цел обложувачите да заработат пари во кладилниците (на Островот постои опција според која можете преку агент да понудите на што би сакале да се кладите, а кладилницата да ви одобри или не).
Целата работа доаѓа откако во јануари 2018-та година Стариџ многу сакаше да го напушти Ливерпул каде не добиваше големо играчко време, а со цел да ја крене формата на друго место пред Светското првенство во Русија.
Го контактирале претставници на Севиља, Милан и уште некои европски клубови, а Стариџ го советувал својот брат Леон и други роднини да се кладат на негов трансфер.
СТАРИЏ ЕДНАШ ВЕЌЕ ДОБИ СУСПЕНЗИЈА ЗА КЛАДЕЊЕ
Минатото лето Даниел беше казнет: во јули 2019-та после проверка на независна комисија (не под закрила на FA), Стариџ доби суспензија од 6 недели (4 од нив условно) и казна од 75.000 фунти. Комисијата можела да докаже само 2 од дури 11 обвиненија: Стариџ го советувал брат му да се клади на трансфер во Севиља и пренесувал приватни информации.
А познатиот англиски репрезентативец кој освои 2 трофеи во Лига на шампиони тогаш изјавил дека едноставно се допишувал со брат му во тежок период за него. Во одбрана на Стариџ застанал дури и поранешниот психолог на Ливерпул, Стив Петерс. Овој доктор објаснил дека Стариџ е мошне религиозен, принципиелен и чесен човек и дека не би си дозволил таква афера.
Веднаш по одлуката лани, FA соопштила дека 6-неделна суспензија е дури мала казна за „циничната решителност“ со која дејствувал Стариџ. Во организацијата барале минимум 6-месечна суспензија: за ширење внатрешни информации се добива минимум 3 месеци дисквалификација, а таа може да оди до доживотна доколку оваа информација се искористила за обложување.
Фудбалската асоцијација на Англија успеала да докаже дека во јануари 2018-та година кладби на тоа дека Стариџ ќе направи трансфер во јануари 2018-та ставиле брат му Леон, татко му Мајкл, роднината Ентон Волтерс, други роднини па дури и соседите на родителите на Стариџ. Вкупно 28 лица!
Но инсајдот што им го дал Стариџ бил бескорисен. Тој не потпиша со Севиља како што им рекол, туку на крајот заврши во Вест Бромвич Албион. Сите обложувачи изгубиле повеќе од 3.000 фунти а добиле само на оние тикети на кои се кладеле дека Дани сигурно ќе замине од Ливерпул.
Ако поминеле сите тикети, обложувачите би добиле 317.000 фунти вкупно.
Тогаш FA го обжалила решението на комисијата, а независен Апелационен совет вратил уште две обвиненија кои првиот пат биле отфрлени. Апелациониот совет се согласил дека минатогодишната суспензија била млака.
СТАРИЏ СЕ БРАНИ ДЕКА ЕДНОСТАВНО ИМ РАСКАЖУВАЛ НА БЛИСКИТЕ ЗА СВОЈОТ ЖИВОТ
На Инстаграм Стариџ објавил објаснение за ситуацијата:
- Прво и основно тој го раскинал договорот со Трабзонспор на своја штета. Сметал дека не е фер да зема плата а да не игра. Клубот не е виновен што тој е казнет.
- Сега главна цел му е да може слободно да си зборува со другарите и роднините, без страв дека нешто може да му се случи. „Просто сакам да споделам некои работи со блиските а притоа да не се плашам дека ќе ме казнат“.
- Уште една идеја му паднала на памет: букмејкерите мора да престанат да примаат уплати на трансфери на играчи.
Стариџ сега ќе паузира до 17 јуни.