Горан Пандев направи толку долга кариера во Италија, што и самите клипови од неговите почетоци се веќе излитени и не можат да се најдат во џам снимка.
Вие што имате 17 години и го читате текстов, да знаете дека ќе ги видите неговите први партии од времето кога сте биле бебе или сте биле на пат. Ние постарите кои го следиме пажливо му го паметиме и првиот гол во Серија А. Го совлада легендарниот Џанлука Паљука, а ќе видите и како.
Инаку накусо за помладите како Пандев стаса до деби во прва лига. Интер го бендиса на турнирот во Вијареџо 2001 и го ангажираше во тимот У-21 или Примавера. Таму беше член една сезона во која го освои првенството, а и Вијареџо турнирот следното лето.
Потоа го прати на калење во третолигашот Специја каде собра 22 настапи и 4 гола, па во Анкона со која имаше прилика да заигра во Серија А сезоната 2003/2004. Дебитираше на мечот против Сиена, а првиот од вкупно 97 прволигашки гола го постигна против Болоња на 7 декември 2003.
Пандев втрча во контра напад, со еден потег го измами чуварот, а потоа го матираше Паљука.
За Анкона во тоа време од познатите настапуваа Дино Баџо, Маурицио Ганц, Еузебио Ди Франческо, Милан Рапаиќ, Марио Жардел.
Следната сезона 2004/2005 играше во Лацио и постигна четири гола. Еден против против Металург Доњецк во Куп УЕФА и три во првенство против Болоња, Фиорентина и оној легендарниот против Јуве кога ги легна Турам, Канаваро, Зебина и Буфон.
20 години подоцна уште дели лекции во Италија. Легенда.