Со ниту еден глас против, денес Томислав Караџиќ повторно беше избран за претседател на Фудбалскиот сојуз на Србија и покрај тоа што вчера неговиот противкандидат го обвини дека местел натпревари.
Поранешниот фудбалер на Црвена Звезда и селектор на репрезентацијата на Југославија во 2001-та година, Милован Ѓориќ изјави дека поседува докази дека Караџиќ местел натпревари на репрезентацијата на Србија.
Тој не откри за кои натпревари станува збор, но медиумите шпекулираат дека тоа се дуелите со Литванија и Романија.
Во 2005-та година репрезентацијата на Србија и Црна Гора славеше на гостувањето кај Литванија со 0:2 и обезбеди пласман на Светското првенство во Германија.
Според медиумите, на Литванците им биле ветени 500.000 евра, но добиле само 300.000, а кога си ја побарале целосната сума, од Белград им порачале да се жалат во УЕФА.
Во 2009-та година Србија ја победи Романија со 5:0 во рамките на квалификациите за Светското првенство во Јужна Африка. Договорот бил натпреварот да заврши 1:0, но Србите им ја наполниле мрежата на Романците што било повод за влошување на односите помеѓу сојузите.
Најдобриот фудбалер на Романија, Адријан Муту до толку се опуштил што се опијанил вечерта пред натпреварот, а за време на натпреварот Пантелиќ се обидел да го спречи судијата да му покаже црвен картон на Кристијан Киву.