Спектакуларно финале на Лига Европа - Севиља по 6-ти пат шампион

Во лудо финале со дури 5 гола, фудбалерите на Севиља уште еднаш покажаа дека се кралеви на Лига Европа, натпреварување кое го освоија по рекорден 6-ти пат.

СЕВИЉА - ИНТЕР 3:2 (2:2)
/Де Јонг 12', 33', Диего Карлос 74' - Лукаку 5', Годин 36'/

Тимот од Андалузија го креваше вредниот трофеј во Лига Европа во 2006, 2007, 2014, 2015, 2016 и сега во 2020-та година. Рекордни 6 пати.

По три титули во ова натпреварување претходно познато како Куп на УЕФА имаат Јувентус, Интер, Ливерпул и Атлетико. Од сезоната 2008/2009 турнирот го носи името Лига Европа.

***

На РејнЕнерџи Стадионот во Келн вечерва Интер и Севиља приредија епско финале кое ќе се памети. Уште во првите 45 минути паднаа дури 4 гола, по 2 во двете мрежи.

Поведоа Италијанците од пенал уште во 5' минута кој го реализираше Лукаку (11-ти гол по ред за Белгиецот).

Не помина многу, а Севиља израмни преку фантастичниот холандски шпиц Де Јонг. Истиот играч во 33' минута со прекрасен гол одново со глава ја носи Севиља во водство.

После само 3 минути игра по идентична ситуација, Диего Годин со глава израмни на 2:2 за огромна радост на сите навивачи на Интер покрај малите екрани;

И со тој резултат се замина на полувреме.

Во вториот дел нешто повнимателна игра на двете страни, а први потегнаа Шпанците кои заслужено во 74' повторно дојдоа во предност и тоа со ефектни ножички на стоперот Диего Карлос после кои топката удри во Лукаку и заврши во голот на Хандановиќ.

Тоа беше и последен гол на мечот за победа и големо славје на рекордната Севиља. 

За тренерот на Севиља Хулен Лопетеги ова е прв трофеј во клупската кариера. Тој претходно освои Европско првенство со Шпанија за играчи до 19 и 20 години.

Лопетеги во кариерата ги тренираше Рајо Ваљекано, Кастиља, Порто, Реал Мадрид и репрезентацијата на Шпанија.

21 август 2020 - 23:10