
Натпреварот Хрватска - Франција (1:1) ќе се памети не само по големиот јубилеј на Лука Модриќ кој го одигра 150. натпревар за „коцкестите“ и доби големи овации од цел стадион, туку и по друг емотивен момент.
Селекторите на двете селекции пред мечот си изразиле сочувство.
Дидие Дешам дознал за смртта на татко му на 31 мај, за време на подготвките пред стартот на Лига Нации. Во тој момент некогашниот светски првак и како играч и како селектор бил во тренинг базата на репрезентацијата на Франција во Клерфонтен и очекувано ја напуштил привремено.
„Утрово со голема жал дознав за смртта на таткото на Дидие. Тој се упати кон своите најблиски. Во овие тешки моменти му изразувам поддршка“, изјави првиот човек на француската фудбалска федерација Ноел Ле Гре.
Пјер Дешам долги години се занимавал со градежнички работи, со молерај и слично. Не бил никако поврзан со спортот. Интересно, за разлика од син му кој стана единствениот на свет со светска шампионска титула и како играч и како селектор, Пјер повеќе сакал рагби од фудбал.
Татко му на хрватскиот селектор Златко Далиќ починал на 1 јуни. Хрватскиот селектор исто како и неговиот француски колега ја напуштил базата на репрезентацијата. Далиќ се упатил во родниот град Ливно каде израснал и ги направил првите фудбалски чекори.
„Со голема тага ја примивме веста за смртта на таткото на Златко. На Златко и на неговото семејство им изразуваме најдлабоко сочувство и му порачуваме дека целото хрватско семејство стои со него во овој тежок момент. Му посакуваме мала утеха да најде во тоа што татко му замина исклучително горд на се она што Златко го постигна во животот, каков човек стана и какво семејство изгради. Нека почива во мир Божији“, рекол претседателот на хрватскиот фудбалски сојуз Маријан Кустиќ.
Селекторот на Хрватска често во интервјуата ја нагласуваше силната поврзаност со семејството.
„Сине, биди јак и самостоен и остани што е можно подолго во Русија (на Светско првенство)“, му порачал Иван Далиќ на својот син Златко пред четири години.
Хрватска тогаш стигна дури до финалето каде загуби од Франција 4:2. Тоа е најголемиот успех во историјата на хрватскиот фудбал.
Родителите на Златко Далиќ долго време биле во болница а Иван Далиќ бил на лекување и за време на Мундијалот 2018.
Златко Далиќ и Дидие Дешам си изразиле сочувство а во меѓувреме покажале и голема професионалност и инспирација веднаш после најтешките моменти во животот.
Two head coaches, one emotional moment: Both Didier Deschamps and @DalicZlatko lost their fathers prior to the match, and expressed condolences to each other. 🙏#CROFRA #Family pic.twitter.com/5A48IchFRm
— HNS (@HNS_CFF) June 6, 2022