Со ваква игра, Европско е многу далеку - Македонија потопена од Австрија

Македонската фудбалска репрезентација изгуби убедливо со 1:4 (1:1) од Австрија и загуби чекор со водечките селекции во квалификациската група Г за пласман на Европско првенство 2020.

За разлика од досегашната пракса да игра со тројца играчи во последниот ред, селекторот Ангеловски за мечот против Австрија се реши да почне со четворица фудбалери во одбраната.

Наместо суспендираниот Муслиу, покрај Велковски заигра Бејтулаи, лево беше Алиоски, а десно Ристовски. Во средниот ред стартуваа Адеми, Николов, Елмас и Барди, а во шпицот Пандев и Несторовски.

Во однос на мечот со тврдата Полска, вечерва Македонија во Австрија сретна противник спремен да се надигрува. Идејата на Ангеловски од старт да се нападне противничкиот гол донесе неколку сериозни шанси, но исти такви прилики и за гостите.

Во 18' минута Македонија, поточно стоперот Мартин Хинтерегер го отвори резултатот со неверојатно комичен автогол. Алиоски центрираше од триесетина метри, а високиот Хинтерегер со глава си ја заби топката во својот гол:

Од тој момент на теренот гледавме уште поотворен фудбал. Австријците предводени од нивната најголема ѕвезда Марко Арнаутовиќ претежно напаѓаа по десната страна каде Алиоски неколку пати испадна од игра. Токму после таков напад и центаршут, Австрија израмни на 1:1 преку полушпицот од Херта, Валентино Лазаро:

До крајот од првиот дел, најпрвин Несторовски со глава погоди пречка, а на другата страна Димитриевски имаше среќа што топката заврши во стативата по ударот на Шабицер. На пауза се замина со 1-1.

****

На стартот од вториот дел, австрискиот селектор Фода ја направи првата замена, наместо стоперот Драговиќ во игра влезе дебитантот Фош. Селекцијата која после три кола имаше два порази и само три освоени бода како да почуствува дека брзо стигнува пред нашиот гол и тргна кон водство.

Тоа беше знак Ангеловски да влече потег - наместо Елмас влезе дефанзивецот Кире Ристевски, а крилниот напаѓаш Радески наместо индиспонираниот Несторовски кој како да е во пад на форма.

Иницијативата на Австрија кулминираше во 60' минута кога Лајбер и Забицер одиграа „еден-два“, а Бејтулаи доцна реагираше и го фаулираше шпицот на гостите после што судијата Алексеј Есков покажа на белата точка, а штоперот доби жолт картон.

Сигурен реализатор беше шпицот на Вест Хем, Арнаутовиќ кој шутираше силно по средината од голот за 1-2:

Брзо потоа во игра влезе и Ферхан Хасани кој го замени Бобан Николов во средниот ред, но промени во играта на Македонија немаше. Австрија имаше целосна контрола на теренот и делуваше дека стигнува до голот на Димитриевски кога и како сака.

После 4-5 сериозни шанси, гостите го затворија мечот во 81' минута кога Замицер го пронајде Арнаутовиќ на втората статива а овој се поклони со глава за својот 24-ти гол за репрезентацијата на Австрија (4 на 4 меча во овие квалификации):

Во самиот финиш од мечот, во 84' минута падна и четвртиот гол во нашата мрежа. Конрад Лајмер со помош на Бејтулаи кој ја одби топката, ги постави конечните 1-4:

Во 4. коло од групата Г, Полска го совлада Израел (4:0), а Словенија беше неочекувано убедлива против Латвија на гости (0:5).

По четири одиграни кола, Македонија е на 5. место со 4 освоени бода (1 победа, 1 реми и 2 порази). Полска веќе се одлепи на врвот и со 12 бода со една нога е на Европско првенство. Во следната рунда, на 5 септември Македонија гостува кај Израел, а Австрија ќе ја пречека Латвија. Дербито ќе се игра во Љубљана меѓу Словенија и Полска.

foto: reuters/teofilovski