Со “паркиран автобус“ пред гол до најмногу успеси

Оваа дефанзивна тактика од едно македонско село која на сличен начин ја применува и Жозе Мурињо не изгледа убаво за око, а најмногу ја мразат навивачите кои сакаат да гледаат отворен фудбал со многу голови. Но „специјалниот" со неа стана најдобар стратег на „Стенфорд Бриџ".

Освен контроверзноста пред камерите, тактиката, статистиката и резултатите на Челси под водство на Жозе Мурињо се уште еден од показателите на стратегот зошто е тој поразличен од неговите колеги. Предмет на анализа и доказ за тоа овој пат се неговите дуели против најголемите 5 противници во неговиот прв мандат со Челси.

Првата табела покажува дека Челси под водство на Мурињо во просек постигнувал помалку голови против најголемите англиски екипи за разлика од просекот на сите неговите следбеници. Најмалку ефикасен бил против двете екипи од Манчестер против кои „Сините" постигнувале помалку од 2 гола по натпревар.

Втората табела е најнепопуларниот резултат 0:0 за кој Мурињо повторно се издвојува како махер и кој процентуално најмногу го постигнувал против англиските гиганти. Најчесто играл без голови против Ливерпул и Манчестер Јунајтед или поточно три пати повеќе од останатите тренери.

И кога на крајот ќе се земе предвид најважното, односно победите и пехарите „The Special one" е подобар од сите кои дојдоа по него, а тоа се Аврам Грант, Гус Хидинк, Андре Вилаш Боаш, Роберто Ди Матено и Рафаел Бенитез. Освен против „Топџиите", Мурињо со Челси има повеќе победи против останатите четири екипи, а најмногу ги победувал Манчестер Сити и Тотенхем.

Дефанзивниот фудбал по кој е препознатлив Португалецот му донесе нерешен резултат од 0:0 минатото коло на „Олд Трафорд", резултат кој не се случил помеѓу овие екипи на 20 меча во негово отсуство, но статистиката покажува дека Мурињо е роден победник.

Тој во просек освојувал повеќе титули од неговите следбеници или 1,67 по сезона, за разлика од нив кој на Челси му носеле радост еднаш во сезона. Без разлика на желбите на навивачите дали им се допаѓа тактиката на Мурињо или не, Абрамович го врати човекот кој најдобро знае како до победа.

2 септември 2013 - 13:10