Слободните удари на Грималдо се викаат пенали

Купишта фудбали имаше синоќа. Куп натпревари на ангро во Англија, Шпанија, Холандија, Португалија, Белгија. Имаше и во Германија, каде од еден опасен Шпанец, гратис донесен од Бенфика, им се тресат гаќите на голманите кога ќе застане да шутира од прекин.

Баер Леверкузен се помачи во Купот на Германија на гостувањето против Падерборн и му беа потребни 120 минути за да го елиминира.

Мечот заврши 1:1 во регуларниот дел, 2:4 конечен, а спасител за фаворитот беше 19 годишниот репрезентативец на Алжир, Ибрахим Маза, кој стрелаше во 122-ра и 124-та минута.

Но, оваа статија не е за него, туку за Алекс Грималдо кој сезонава има страшен нишан од слободен удар. Даде 7 гола на сите натпреварувања и дури 4 му се од слободен удар, 2 од пенал и 1 од игра.

Шпанецот, кој е еден од ретките кој остана во клубот од историската сезона со Чаби Алонсо, изведува слободни удари со стил, кој потсетува на легендарниот Жунињо. Силно и неодбранливо. Со многу незгодно ефе.

Синоќешниот гол му беше број 50 во кариерата. 27 даде за Бенфика, 23 за Баер. Плус има и 95 асистенции, како и вкупно 13 трофеи: 9 со Бенфика, 3 со Баер и 1 со Шпанија како европски првак.

Дечкото е спектакл кога ќе застане да изведува. Уживајте.

Двата против Ајнтрахт Франкфурт во 3. коло од Бундеслигата, со кои го разубави дебито на новиот тренер Каспер Хјулманд.

Само шест дена подоцна експлодираше и на мечот против Копенхаген во ЛШ.

Синоќа против Падерборн.

30 октомври 2025 - 14:22