Пред големото дерби Ливерпул - Челси, коефицентите не најавуваа лесна победа на „црвените“, особено што Еден Азар игра во неверојатна форма и беше најзаслужен за 8 победи на последните 11 меча на „сините“. Второ, историјата со лизгањето на Џерард кога изгубија титула после пораз од Челси, остана во свеста на навивачите на Ливерпул, а трето што Ливерпул традиционално игра тешко со Челси на „Енфилд“ (0 победи на последните 6 меча). Така лоша статистика, Клоп нема со ниту еден друг клуб.
Но Салах и Мане ја срушија оваа негативна серија и му донесоа победа на Ливерпул. Замислете колку е добар Салах штом медиумите шпекулираат со неговата форма, а тој веќе има 19 гола колку Серхио Агуеро.
А Садио Мане ја игра најдобрата сезона откако е во Англија: 21 гол во сите натпреварувања, 8 асистенции на последните 9 меча.
„Нас не нè интересира што направил Сити. Очекуваме тие да го добијат сите натпревари, затоа ние мораме да освоиме максимално бодови. Ако станеме шампиони - супер, ако не, ние уште сме одлична фудбалска екипа“.
Клоп после мечот одново зборувал за ветрот како во претходните кола: „Во прво полувреме игравме против ветрот, а во второ ветерот ни дуваше во грб. Конечно да го искористиме“.
Јирген Клоп сега има 112 победи на 200 меча како тренер на Ливерпул. Сезонава во првенството забележа 26 победи и го повтори клупскиот рекорд откако се игра модерната Премиер лига (а има уште четири кола до крајот).
Германецот ги води „црвените“ во серија од 38 домашни средби без пораз, што е втор најдобар резултат во историјата на Премиер лигата (иако до рекордот има уште премногу - Челси со Мурињо дома еднаш немаше пораз 86 меча).
Манчестер Сити на пар часа пред дербито на „Енфилд“ славеше 1:3 против Кристал Палас. Сега во моментов Ливерпул е прв со 85 бода а Сити е втор со 83 но и меч помалку.
Проблемот на Пеп Гвардиола е распоредот. Клоп веќе ги одигра сите средби со топ-6 екипите од Премиер лигата и во финишот од понезгодните ривали го чека само Вулверхемптон.
Во меѓувреме, важно е да се напомене и дека и Сити и Ливерпул играат во четвртфиналето на Лигата на шампионите каде ги чекаат реванши. „Граѓаните“ ќе бркаат негатива од 1 гол против Тотенхем дома (во рок од 3 дена играат два пати против Хотспур на „Етихад“), а „црвените“ ги чека реванш со Порто каде ќе брани 2 гола предност во Португалија.
Противници на Сити до крајот - ТОТЕНХЕМ (Д), МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД (Г), БАРНЛИ (Г), ЛЕСТЕР (Д), БРАЈТОН (Г).
Противници на Ливерпул до крај - КАРДИФ (Г), ХАДЕРСФИЛД (веќе испаднат, Д), ЊУКАСЛ (Г), ВУЛВЕРХЕМПТОН (Д).