ИВАН ЗАМОРАНО ( 1+8 )
Чилеанецот е најпознатиот фудбалер кој се решил неговото презиме да стои над невообичаен број. Откако во Реал Мадрид постигна 77 гола 137 натпревари, Интер се реши да го купи напаѓачот.
„Нероаѕурите“ во составот веќе ги имаа Роналдо со бројот 9 и Баџо со 10 – та, па на Заморано не му остана ништо друго, освен да облече дрес 18 – ка со еден плус меѓу броевите. Имаше среќа што фудбалската федерација на Италија му дозволи ваков преседан.
Истата фора ја ископираа Клинтон Морисон од Ковентри и Аде Акинби од Кристал Палас.
АРГЕНТИНА (Азбучен ред)
На Мундијалот 1982. година во Шпанија, „гаучосите“ се договориле броевите на дресовите од 1 до 11 да се доделуваат по азбучен ред.
Сепак, исклучокот бил направен кај Марадона, за кого 10 – та била загарантирана уште пред да тргнат кон Иберискиот Полуостров.
МАРИО БАЛОТЕЛИ (број 45)
По настапите во Интер, Ман. Сити и Милан, италијанскиот репрезентативец бројот 45 ќе го носи и во новиот клуб, Ливерпул.
Кога на „Енфилд“ му понудиле друг број, Балотели изјавил дека 45 му е среќен број.
„Кога играв во младинските категории на Интер, броевите резервирани за нас беа од 36 до 50, а јас се одлучив за 45 – та, затоа што 4 плус 5 прават 9. Подоцна постигнав голови на 4 натпревари по ред со таа бројка и решив да си ја задржам засекогаш“ изјавил контроверзниот напаѓач.
ДЕЈВИД БЕКАМ (број 23)
Откако доби пластично шише по глава од Сер Алекс, Бекам со тешко срце реши да го напушти Манчестер Јунајтед и во 2003. да замине во Реал Мадрид.
Долгогодишниот капитен на Англија инсистирал да го добие бројот 7, кој го носеше на „Олд Трафорд“, но во Мадрид тој бил загарантиран за легендарниот Раул Гонзалес.
На крајот, Бекс се помирил и се фатил за 23 – та, број кој го избрал поради Мајкл Џордан, неговиот омилен спортист.
ТРИОТО НА МИЛАН (76, 80 И 84)
Во 2008. година, Адриано Галијани реши на „Сан Сиро“ да го врати Андреј Шевченко, а со него во пакет дојдоа уште и Роналдињо и Мaтје Фламини.
Во ситуација кога броевите од 1 до 30 биле зафатени, триото одлучило да носи дрес со годината во која се родени, па така Шева облече 76, Роналдињо 80 а Французинот 84.
КЛИНТ ДЕМПСИ ( 2 )
Откако целата кариера во Англија ја мина со бројот 23, американскиот репрезентативец по трансферот во Тотенхем мораше да се одлучи за друг број.
Демпси во раната младост бил рапер а неговиот псевдоним бил „двојката“, па од кога е дојден, на „Вајт Харт Лејн“ бројот 2 е исклучиво негов.
Сакал да го носи истиот број и на неодамнешното СП, но селекторот Клинсман го предомислил, па Демпси носеше 8 – ца во Бразил.
ХИШАМ ЗЕРОАЛИ ( 0 )
Мароканецот е првиот играч кој носел дрес со број „0“ во историјата на шкотскиот фудбал, а по презимето е јасно зошто се одлучил на таков потег.
Сепак, навивачите во Шкотска само една година имале прилика да ја гледаат нулата на грбот на Хишам, затоа што федерацијата во 2001. година забранила употреба на тој број.